СЛОБОДЕН УДАР: Млади, баталете спорт, „играјте“ политика

Фото: Благоја Георгиевски/Слободен печат

Во Македонија очигледно не вирее ништо друго освен политика. Млади, баталете го спортот, занимавајте се со политика ако сакате да направите нешто во животот. Политиката најмногу успева на нашава почва, сè друго се суши, исчезнува. Или, спакувајте ги куферите и бегајте.

Ваква, секако штетна и погрешна, но реална порака, примија деновиве младите кошаркари и ракометари, чии првенства се блокирани од штрајкот на клубовите во овие спортови, до кој дојде при актуелизирање на проблемите со фамозните спортски ваучери со кои тие требаше да бидат финансирани.

Политичките пазарења помеѓу владеjачките партии резултираа со недоделување на ваучерите за финансирање во спортот, предвидени за нисколигашите и младинските екипи. Прволигашите во ракометот и второлигашите во кошарката, заедно со младинските екипи, оставени се без пари, како резултат на политички махинации, па решија да штрајкуваат. И младинските лиги во овие спортови сега не функционираат, младите спортисти не играат натпревари, губат драгоцено време.

Политичарите се многу гласни во своите говори дека сакаат да го развиваат спортот,  да ги анимираат младите да се занимаваат со спорт. Но она што го прават е токму спротивно на сопствените бомбастични изјави.

Поодамна предупредуваа и апелираа претставниците од споменатите спортови и лиги дека не се задоволни од нивниот третман во ваучер-системот за финансирање во спортот што го воведе државата. Штрајкот што сега се случува беше одамна најавен. Им беше ветено дека неправдата ќе се исправи, но тоа не се случи. Причината, наводно, се несогласувања и пазарења во власта по кој клуч да се распределат ваучерите што обезбедуваат финансирање. Тоа ја блокирало работата, иако никој од владејачката структура не објаснува официјално што е проблемот. Што и да е – лошо е. Сè се прекршува повторно на спортистите, во овој случај на најмладите, на оние на кои спортот останува.

Како ќе создаваме спортисти ако младите не играат, ако не можат на терен да го покажат она што го учат на тренинзите? Така не се создаваат спортисти. Ако потрае, како што се најавува, штрајкот може да упропасти цели генерации. Додека нивните врсници во соседните земји веќе наголемо играат во нивните првенства, во Македонија младите паузираат.

На кого ќе остане спортот, на кого ќе останат ракометот и кошарката ако младите разочарано кренат раце и земат да се занимаваат со нешто друго. Ако оваа ситуација потрае, ќе ги изгубиме младите, кои „ќе ја сфатат пораката“, ќе кренат раце од спортот, како што државата кренала раце од нив и којзнае можеби ќе одат во политичари. Или во туѓина. Како што кај нас веќе поодамна прават многумина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот