СЛОБОДЕН УДАР: Колку е чесен Мицкоски, ако е Груевски почесен?

Ова е битка во која влегов свесно, со целото мое срце, знаење и чест, рече Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во говорот по повод 29. роденден на партијата. И уште дека „има приказни што траат долго, и тоа е така затоа што оваа наша приказна има идеологија, цврста арматура во која кодот е ВМРО, а целта на нашето постоење е нашата Македонија“.

Како што на времето се изразуваше еден познат егзегет и проценител на (раз)говори, во кажувањето на Мицкоски има нешто точно, нешто што е делумно точно и нешто, најмалку едно, што е, ако не целосно лажно, тогаш повеќе од погрешно. Многу повеќе од погрешно. Богохулно е.

Значи, признанието дека сево ова што го расипува го прави свесно, може да се смета за најточно. Но, ако е така, тогаш тој автоматски ги елиминира сите олеснителни околности, ако еден ден се најде во незгода да биде прашан дали свесно ја води и ја продолжува до бескрај битката за спас од правдата и од законите на некој обвинет за тешки кривични дела. Тогаш, имено, не ќе може да се прави луд.

Делумно точен е исказот дека во „оваа битка“ влегол со целото негово знаење. Прво, неговото „влегување“ беше по веќе добиена битка. На терен – поточно на конгрес – расчистен и од противкандидати и од неподобни гласачи. Од оние што го направија претседател уште пред гласањето. Ама не му дозволија да стане лидер на партијата. Останува знаењето, што очигледно и не е баш нешто. Ако се сеќавате, целото негово знаење не му беше доволно за да одговори на прашањето што сам си го постави: „Кој сум јас Христијан Мицкоски? Кој сум јас Христијан Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави?“ Сè уште само тој – со целото негово знаење – не го знае одговорот. Ни кој е, ни што е. Ама затоа упорно продолжува да му кажува на народот кој е, што е и, особено, што треба да прави.

Она што е целосно, апсолутно погрешно е спомнувањето на она зборче „чест“.  Бласфемија е тоа да се изговори во белата палата. Незамисливо е, неспоиво, недозволено, нечесно е да се стави во ист контекст, во говор, во иста реченица која кажува нешто за владеењето, за мисијата, за битката на ова и вакво ВМРО-ДПМНЕ. Најмалку, пак, смее да го изговори – а да не пропадне во земја – нејзиниот актуелен претседател. Кој е Христијан Мицкоски да каже што е чесно? Колку е, колку може тој да биде чесен претседател, ако Никола Груевски, обвинет за тешки злодела, бегалец од правдата, сè уште, после сè, и натаму е ПОЧЕСЕН претседател на ВМРО-ДПМНЕ? Од кого е почесен? Од сите? Ова, за жал, не е само игра на зборови. Груевски навистина заслужува почесно место не само во партиската, туку воопшто во македонската историја на бесчестието. Но, само во ова и во вакво ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски на чело, може да биде почесен.

Ќе биде погубно за сите ако оваа нивна – и негова – приказна е од оние што траат долго. Во неа нема идеологија, нема арматура, туку стиропор (или некој материјал што личи, ама не е мермер) и има цврста валута. Тоа е кодот на ВМРО, тоа се четирите свети букви кои тие ги претворија во криминален жиг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот