СЛОБОДЕН УДАР: Изгубени во рамките

Нашите деца покажале значително послабо знаење од оние во Словенија и во Хрватска, земји со кои до неодамна имавме заеднички образовен систем

Знаењето сѐ уште го вреднуваме според добиените оцени и дипломите, а во таа заблуда цврсто ги врамуваме и нашите деца

Пробајте да ја решите точно оваа задача. Не мора да бидете врвни математичари. Напротив, колку помалку знаете математика, толку подобро.

17, 4, 31, 173, 11 – Допишете уште две бројки!  (    ), (    ).

Сериозно, обидете се. Одговорот е едноставен.

Се потсетив на овој стар „жт проблем“ додека збунето зјапав во резултатите од најновото рангирање на ПИСА, без јасен одговор зошто нашите ученици на 15-годишна возраст толку многу заостануваат во решавањето на универзални проблеми во однос на своите врсници од Хонг Конг или од Естонија. Па и на регионално ниво, нашите деца покажале значително послабо знаење од оние во Словенија и во Хрватска, земји со кои до неодамна имавме заеднички образовен систем. На страна коефициентите. Изразено со училишни оцени, нашите деца едвај заслужиле двојка за читање и математика и лабава тројка за наука, а децата на соседите добиле силни четворки. Да не одам подалеку до Хонг Конг, Сингапур, Естонија или Ирска.

Како е можно нашите деца, сите тие одлични ученици, првенци со сите петки, на овој тест да добијат двојка?

Хендикепот е очигледен во табелите – Македонија ниско котира според издвојување средства за образованието, опременоста со наставни материјали, како и според нивото на образование на наставниците. Како илустрација, кај нас едвај 5 отсто од наставниците завршиле барем магистерски студии – во Полска 95 отсто, а во Хрватска 85 отсто.

Таман работа дека нашите деца се поглупави од врсниците во Хонг Конг, Талин или Загреб. Проблемот го создаваме ние – родителите, наставниците и системот воопшто. Знаењето сѐ уште го вреднуваме според добиените оцени и дипломите, а во таа заблуда цврсто ги врамуваме и нашите деца.

И додека наставниците пишуваат повисоки оцени соочени со притисоци од родителите или, пак, за да извлечат лична противуслуга, универзитетите ја надградија оваа аномалија за да прават профит. Кој би запишал дете (и би плаќал школарина) на факултет на кој професорот бутка на испит? Србија, ете, ја тресе скандалот со универзитетот Мега, за кој станува јасно дека всушност бил фиктивен „дипломат“ што за одредена сума ќе ви испечати титула по избор. Па дури и големите универзитети знаењето го подредуваат на потенцијалниот профит што го носи секое место погоре на Шангајската листа.

Ако вака продолжи, не е далеку времето кога сите деца ќе завршуваат со сите петки и ќе имаат факултетски дипломи, ма и магистратури и докторати, зависно од финансискиот товар што може да го издржат нивните родители.

И што потоа? Ќе заслужат ли барем тројка на ПИСА? Тешко.

Авторите на ПИСА самите истакнуваат дека испитите воопшто не се фер. Овој инструмент на ОЕЦД ги рангира образовните системи врз основа на успехот со кој ги подготвуваат новите генерации за сегашните и идните предизвици. Да открие кои системи подобро ги надградуваат децата со знаења и вештини што би ги примениле на проблеми со какви што не се соочиле во наставата, па и на проблемите што денес не можеме ни да ги замислиме.

Во овој систем подобро се рангирани системите што ги охрабруваат децата да размислуваат надвор од матриците и дисциплините и да го користат стекнатото знаење за креативно решавање на проблемите. Не на системите што охрабруваат учење наизуст огромен број податоци.

– Ако сѐ што правиме е да ги учиме нашите деца она што ние го знаеме, тие можеби ќе запаметат доволно за да ги следат нашите чекори, но ако научат како да учат и ако се способни да размислуваат самостојно, да соработуваат со други, тие може да стигнат каде што ќе посакаат – наведува ПИСА.

Решението на проблемот од почетокот од овој текст може да се најде само ако се размислува надвор од рамките што самите сме си ги поставиле, зашто сме се научиле да си поставуваме рамки. И решението за проблемот со образованието е надвор од рамките до кои упорно се држиме.

Да ја повторам задачата: „Допишете уште две бројки“. Одговорот сега е јасен, нели?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот