СЛОБОДЕН УДАР: Хартија трпи сè, „нон-пејпер“ не!

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

За дипломатијата велат дека е умешност некого да го отерате во мајчината, а тој да се радува како да ќе оди на некоја егзотична туристичка дестинација. А за добрите дипломати уште велат дека се „француска школа“. Треба да се има ова на ум кога се анализира овој т.н. нон-пејпер на Макрон, со кој се предлага нова методологија за прием на нови членки во ЕУ.

Барем на прво читање, „нехартијата“ на Макрон не изгледа за толкав „катил-ферман“ колку што можеше да се очекува врз основа на она што го видовме од него на Европскиот совет во октомври во Брисел. Тврдите изјави на францускиот претседател тогаш оставија простор да се верува дека построгите критериуми за преговарање, и нивната фамозна реверзибилност, се само изговор, а дека зад нив се крие желбата на Франција, Унијата воопшто да не се проширува туку да се консолидира во овие веќе познати граници, и дека ние „џабе веземе“. Дека сме отпишани дефинитивно, на чело со Турција.

Сега, ставена на хартија, оваа визија на Макрон не ја емитува истата порака. Како што забележа вчера Османи (а очекувам ова илјадапати да биде повторено во партиско предизборниот занес) во нон-пејперот на Париз „јасно и гласно“ е кажано дека целта на преговарачкиот процес, па дури и вака модифициран, е полноправно, повторувам (ќе слушнеме многупати, со драмска задршка) полноправно членство во Европската Унија! Молам! Значи, европскиот сон за Македонија не е мртов, напротив.

Постои голема веројатност, па би рекол и опасност, нашата влада, која сите надежи (за изборен резултат) ги полага во фамозниот „датум“, токму вака да го исчита нон-пејперот на Макрон. Односно, да се „фати“ само за тој негов дел – дека крајната цел е полноправно членство, а сè друго да превиди. Може дури и да се тврди дека со новата методологија, ако ѝ се пристапи сериозно и амбициозно (типично за нашава влада, нели) може дури и да се скрати макотрпниот процес на преговарање со огромен број поглавја, и дури и до членството да се дојде во пократок рок! Акцентот треба да се стави „само“ на владеењето на правото, слобода на печатот, борбата против корупцијата  и борбата против организираниот криминал. Се сами ситници! Со ваков „наратив“ дури и на избори може да се оди, не мора да се одлагаат, нели?

Да, само има едно големо АМА. А тоа „ама“ сме „само“ самите ние.

Еве на што мислам. Овој нон-пејпер на Франција, а уверен сум дека за кратко време ќе стане нова европска методологија за преговарање, е цврст завет дека во иднина земјите-кандидати, навистина (повторувам, ама баш навистина), ќе бидат оценувани објективно и строго, според мерливи и егзактни критериуми, без политички прогледувања низ прсти, поради „големата слика“, или поради други „виши“ цели и интереси.

А токму тоа ме плаши повеќе од сè!

Затоа што нема поголема закана што нам може да ни се упати нам – дека ќе бидеме оценувани според нашите реални демократски квалитети и капацитети! Тоа е сурово, исто како критериуми за Олимпијада – исполни ја нормата и одиш! Нема ли прогледување низ прсти по сите оние понижувачки договори со соседите што ги потпишавме, по сите проголтани кнедли? Каде е тука правдата за демократските „скапаници“, со оправдани причини, каде што е хуманиот третман на државите со посебни потреби? Па и на Олимпијада има „вајлд карт“, инаку ни таму никогаш не би стигнале!

А изгледа и Французите не се наивни, и тие нè научија, и исто така се свесни дека овие критериуми ќе ги исполниме на Свети Никогаш. И токму затоа, благовремено, подготвија една убава чекалница, во која земјите од Западен Балкан може да „тренираат“ и да глумат демократија и да не влезат во ЕУ, ама да бидат во близина (стратешко партнерство). Ете токму тоа е смислата на „Малиот Шенген“, кој, по сè судејќи е замесен во партиската кујна, а поддржан од сите што треба. Овој нон-пејпер треба да се гледа во нераскинлива врска со фамозниот план за „Мал Шенген“, тие се две страни од една иста паричка. Ако нон-пејперот е искрен, малиот шенген е уште поискрен. Еве, дечки, патот ви е отворен, трчајте! Ако можете. Ако не, има соблекувална, одморете. Не е ЕУ зајак да побегне. А истовремено, можете да замислувате дека соблекувалната е егзотична туристичка дестинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот