СЛОБОДЕН УДАР: Фискална сметка, долга љубов

Фото: Слободен печат/Мартин Богатиноски

Не знам колку време ќе му биде потребно на народецов наш напатен за да ја стекне навиката редовно да си ги бара и да си ги скенира фискалните сметки по секое пазарување. Но, едно знам. Колку помалку пари од данок во Буџетот, толку помала можност истите тие пари да бидат украдени од оние што постојано ги гледаме на телевизија.

А ќе се навикне народецот, знам дека ќе се навикне. Можеби сега сѐ уште е рано, но разликата дефинитивно ќе се почувствува по првата исплата во декември. Тогаш на сите ќе им светнат очите и на сите ќе им се начулат ушите. Само за тоа ќе се зборува, кој колку пари зел и како ги зел.

Тогаш најрадосни ќе бидат келнерите од кафулињата и од рестораните, оти, нели, ќарувањето на фискалната сметка од гостите сега за нив игра многу важен дел во работното секојдневие. Небаре е бакшиш. Ако немаш ситно за да му оставиш награда на келнерот, тогаш барем остави му ја фискалната сметка, ќе те памти засекогаш.

Следни најрадосни ќе бидат касиерките во супермаркетите. Ако верувате, тие секој ден со полни торби сметки се враќаат дома. Едноставно, кога самите купувачи немаат навика да си го вратат данокот, тогаш имаат продавачите. Башка, верувале или не, тие се „робинхудовите“ на новото време. Тие водат грижа за да биде среќно и задоволно целото маало во коешто живеат. Тие им се главните доставувачи на сметки на оние што немаат многу за трошење. Ги делат фискалните на баби, на дедовци, на комшии, на познати, на непознати. Баш како и вистинскиот Худ, земаат од богатите за да дадат на сиромашните.

И третите најсреќни, секако, ќе бидат вработените на бензинските пумпи. Кај нив секогаш завршуваат сметките со големи цифри, оти, нели, ретко кој возач на автомобил, на автобус или на камион има време да се замара со скенирања-менирања. Му плаќа во кеш на пумпашот, му се заблагодарува за горивото и си заминува. А потоа вработениот си знае што треба да направи и како да биде најголем шизик во маало.

Како и да е, во декември ќе бидат среќни многу луѓе. Тогаш и прашањето „каде за Нова година“ ќе биде занемарено и заменето со „колку пари лапна од ДДВ“. Тогаш и на Дедо Мраз ќе му се бара фискална. Тогаш сметките ќе бидат главна тема на куќните слави, бидејќи, нели, неминовни ќе бидат глупавите шеги на оние чешит луѓе што со чепкалка во устата ќе ја прашуваат домаќинката колкав поврат на средства ќе добијат од изедените посни сармички.

И што уште не. Но, сè ќе истрпиме ако треба, само да ни биде среќен народецот. Всушност, тој отсекогаш знаел да биде задоволен со малку, макар тоа било и 15 отсто од 18 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот