СЛОБОДЕН УДАР: Да му умре кучето на комшијата

Фото: Слободен печат/Мартин Богатиноски

Има една исклиширана, пренадувана и пресилувана изрека, која вели дека кучето му е најдобриот пријател на човекот. Но, јас ќе додадам уште нешто: Сѐ тоа си е така, освен ако кучето е комшиско.

Е, тогаш, пријатели мои, не постојат никакви пријателства. Ако имате несреќа и вам да ви се погодат неодговорни комшии, без ниту ронка осет за меѓусоседска благосостојба, а притоа со огромна и тврдоглава желба за поседување (а не за чување!) на шест високотонски кучиња, тогаш тоа практично би значело дека вие сте осудени на вечна љубов – ама со ежот. Колку да ви ја доловам маката, замислете си како секоја вечер си легнувате во својот кревет и како долго не можете да заспиете од хорските кучешки врискотници од соседниот двор. И сѐ тоа само затоа што газдата нема навика да ги прошета, а уште помалку да ги нахрани и да ги напои.

Но, нејсе, не ми беше поентата да го расчеречувам комшијата преку пишан збор (колку и да е за расчеречување и преку непишан). Поентата ми беше да ги расчеречам сите одговорни институции и невладини организации, кои се одамна запознаени со мојов проблем, а кои исто така тетрепски го игнорираат.

Прво, тука е полицијата. Досега, јас, заедно со останатите ненаспани соседи од околината, имаме неколкупати пријавувано во МВР дека секоја вечер сме жртви на кучешки терор. Оттаму ко од пушка ни велат дека тоа е класичен пример за нарушување на јавниот ред и мир, но, за жал, велат тие, во законот не постои член врз база на кој може да се санкционира кучешки лаеж. Со други зборови, мене можат да ми акнат казна ако слушам гласна музика по 23 часот, а комшијава, со неговиот целоноќен стафордски оркестар, гајле нема.

Второ, тука е општинскиот инспекторат. Кога истиот проблем го пријавивме таму, инспекторите ни кажаа дека мора да ја спуштиме топката, затоа што Волково сѐ уште се водело како селска средина, а во таква селска средина секој можел да чува колку сака кучиња. Чекајте малку другари! Ако Волково е селска средина, тогаш зошто јас сум обврзан да плаќам даноци на Град Скопје? И дали мене тоа селското ми дава право да одгледувам, на пример, шест крави во мојот двор и крвнички да се смеам на комшиските подочници?

Трето, нели градскиот татко се испофали со чипувањето на домашните животни и со водењето контрола на терен во поглед на неконтролираното размножување и препродавање на кучиња? По неколку пријави во неговиот инспекторат, и оттаму никаков абер не пристигна, небаре е од Стамбола.
И четврто, Анима мунди. Е, тука, драги мои е интересно. Ма што интересно – морбидно е. Им пишав, ме оставија на „син“. Им пишав уште 20 пати. И уште толку пати ме изигнорираа, за на крајот, еден од тие нивните да ми каже дека оваа невладина е за правата на животните, а не за правата на луѓето.

Отчовечени!

„Крлежи да ватат, болви да драпат“, велеше прабаба ми од Стровија.

Како и да е, државата ни е таква каква што ни е, но јас нема да се повлечам од битката. И јас имам право да спијам. Ж суи Мартин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот