СЛОБОДЕН УДАР: Да го спасиме Божик

Фото: Слободен печат/Мартин Богатиноски

Таткото на Скопје, Петре Шилегов, побара од Македонската православна црква (МПЦ-ОА) да го смени календарот за прослава на Божик, за и ние, како што рече, да го славиме празникот во декември, како што тоа го прави целиот свет.

Тој ова го изјави во врска со новогодишното украсување на главниот град за кое посочи дека еуфоријата нема да „издржи” до големиот православен верски празник во јануари.
А јас стварно не можам да разберам зошто целата Твитер-заедница веќе два дена се смее и се мајтапи со изјавата на градоначалникот? Зошто ли барем еднаш не умееме да гледаме позитивно на работите?

Толку ли е тешко да се сфати дека му паднало криво на човекот и дека само сакал искрено да издејствува какво било решение со кое ќе го спаси Божик од една бесмислена неуфоричност?!

Кога веќе трепкаат светилките за Нова година, претпоставувам дека си размислувал тој, тогаш барем на ист трошок нека трепкаат и за Божик. Домаќински. Чиста економија.

Ама, пак, оди кажи им го тоа на долгобрадестите од МПЦ. Запнале за Божик во јануари како слепи за стап. А само две недели треба да се вратат назад со календарот и проблемот со светилките ќе биде решен. Ама не! Јануари, па јануари.

Како и да е, сметам дека идејата на Шилегов е повеќе од одлична и искрено го замолувам да ја истера работата докрај.

Нема веќе попуштање! Следно што треба направи е предлогот да му го достави на премиерот Зоран Заев, а тој, судејќи по досегашното искуство во црковната политика, може да испрати официјални писма до Цариград и до Ватикан. Што знаеш, можеби и ќе ги помири?

П.С. Доколку Шилегов во меѓувреме признае дека се шегувал со изјавата, тогаш не го сфаќајте текстов премногу сериозно. Доколку не признае, повторно не го сфаќајте премногу сериозно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот