СЛОБОДЕН УДАР: Чекајќи да ни дојде (дат)умот

Има ли живот без датум? Нема. Таман што дојде, целиот се претвори во чекање. А, има ли нешто потешко од чекање? Нема. Сега, од оваа позиција и со овој ум, повеќе од очигледно е дека ќе беше идеално да беше обратно (до кога таа Европа ќе мисли дека секогаш е подобро се да оди по ред?) – прво да дојдеше датум, а потоа живот во Македонија. Зашто, така, со обезбеден датум, со уживањето што го носи отворањето поглавја, многу полесно, ако не и со задоволство, ќе го поднесевме чекањето – некоја комисија, некој комесар, сеедно кој – да ни доделат живот. Во јуни, јули, до крајот на годината или на животот, било кога. Датумот значи живот – за сите! – а животот, без него, не значи ништо. Како овој народ опстанал, како воопшто преживеал без датум? Тешко.

Истото прашање се поставува и сега. Доколку нема датум за преговори во јуни или во јули, премиерот вика дека се во игра сите опции – враќање на мандатот, предвремени избори, оставки… Тоа што се во игра, не значи дека се некоја опција за спас. Прво затоа што сите тие варијанти, колку-толку, се испробани и однапред со голема сигурност може да кажеме дека се прилично безнадежни. Барем за граѓаните.

Но, има нешто многу поважно, има една опција која одамна не е во игра, едно сознание кое суштински ја одредува и државата и животот во неа. Овде веќе одамна веќе никој не верува дека нешто можеме САМИ да направиме! Без таква верба, без таква спасоносна опција, ние навистина нема да направиме ништо. Повеќе од убедени сме дека немаме доволно волја, идеи, знаење, чесност, самодисциплина, одговорност, доблест… да организираме нормална држава за која ќе може да кажеме дека е пристојно место за живеење. А и ако ги имаме тие способности –  патем, не се нешто недостижно за кој било човек – ние непоправливо сме убедени дека не можеме со нив да на направиме ништо, ако сме сами! Тогаш државата станува место за непристојно дивеење. Тие што имаат моќ – не само тие што се на власт – почнуваат да се однесуваат како државни непријатели. Речиси безмилосно. Особено кога се во прашање пари и привилегии. Никој нема никаква дилема што се европски вредности („вака ли ќе влегуваме во Европа“), и, ако не никој, тогаш ретко кој се труди да почитува било која од нив.

Затоа стигнавме до таму што стана најнормално – можеби не со гордост, ама и без никаков сомнеж, камоли срам, да заклучуваме, да тврдиме, речиси беспоговорно, дека нам како народ ни треба камшикар, некој што ќе не надгледува, ќе проверува што сме направиле, ќе не потсетува што треба да направиме, ќе не казнува, ќе не наградува… Ќе отвораме поглавја наместо да се чукнеме по главата. И сето тоа за наше добро!

А тој услов без кој не се може, односно без кој ние не можеме ништо, без кој ни животот не може да дојде, е фамозниот спој ден-месец-година наречен датум кога Македонија ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот