СЛОБОДЕН УДАР: Британски рецепт за мир во болниците

Фото: Слободен печат/Мартин Богатиноски

Родителите не ми беа баш најсреќни кога ќе им кажев дека ќе одам на стадион за да гледам фудбал. Најпрво се накострешуваа, потоа се намрштуваа, а на крај почнуваа да негодуваат и да ме премислуваат во намерата. Не дека имаа нешто против фудбалот, туку, едноставно, сметаа дека стадионите не се најбезбедните и најсоодветните места за еден средношколец.

И секогаш ја слушав истата приказна. Обично започнуваше со немирите на „Максимир“ во 1990 година, а завршуваше со англиските хулигани кои оделе на стадион само за да се тепаат. Сепак, колку и да ми зборуваа, јас никогаш не гледав логика во нивната загриженост, па честопати знаев само да им кимнам со главата и да ги прелажам дека натпреварот ќе го гледам во кафуле. И сѐ беше супер до моментот кога една вечер камерманот на МТВ решил да ги сними токму моите дебели образи како се тресат на трибините. Се сеќавам дека од следниот ден веќе не смеев да гледам фудбал ни на телевизија.
Туку, друго ми беше муабетот. Пред некој ден ги гледав лекарите како протестираат поради насилството во болниците. Се пожалија дека не се чувствуваат безбедно на своето работно место, а се заканија и дека нема никого повеќе да лекуваат ако пациентите продолжат физички да се пресметуваат со нив. Зјапам во телевизорот и се чудам каде јас живеам. Порано беа озлогласени стадионите, а сега болниците и амбулантите.

Што е следно? Насилство во градинките, во игротеките или во старечките домови?

Сепак, решение на проблемот постои, а единствено што треба да се направи е да се најде некој „од мајка роден” за да го спроведе. Исто како што Британија успеа да се справи со хулиганите на стадионите. Со најригорозни казни, дури и за најситни прекршоци. А што би било најригорозно за еден хулиган, освен да му доделиш доживотна забрана за присуство на кој било стадион во државата?! Персона нон грата! Чао за насилството!

Истиот рецепт треба да се примени и за насилниците во нашите болници. Си направил инцидент? Си му удрил тупаница на лекарот? Чао! Доживотна забрана за лекување во државно здравство. Оди после нека те лекува ветеринар!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот