Слободен печат во манастирот Свети Јоаким Осоговски: Пиши-брши врз фреските, „уметникот“ непознат

Што навистина се случувало со фреските во Осоговскиот манастир ќе можеме да кажеме дури по увидот на екипата конзерватори  од Националниот конзерваторски центар, кои денес се на терен, е ставот на првиот човек на Управата за културно наследство, Ацо Костов во врска со неодамна откриениот случај на оштетување на фреските во манастирот Свети Јоаким Осоговски во близина на Крива Паланка.

Манастирот, како дел од културното наследство на нашата земја и споменик на културата заштитен од државата е едно од најпосетуваните места од домашните и странски туристи, познат по својата исклучителна убавина. Фрескоживописот на големата манастирска црква е всушност животното дело на прочуениот зограф Димитар Андонов Папрадишки со исклучително голема уметничка и историска вредност.

Фотографии сликани и отстапени од СПОНА

За случајот во текот на викендов се изјаснија и од Македонската Православна црква – ОА.

Митрополитот Григориј во изјава за „Религија.мк“ ја потврди информацијата објавена во српските медиуми, но потенцира дека Епархијата ова го приметила и пред да биде објавено во медиумите и веднаш побарале новите натписи да се отстранат.

Владиката Григориј вели дека не знае кој и кога тоа го сторил.

„Уште пред да се појави информацијата во медиумите, разбравме дека е интервенирано на дел од фреските, но за жал не знаеме кога е тоа направено“, изјави отец Григориј, наведувајќи дека тие побарале новите натписи да се отстранат.

Фрески во манастирот Св. Јоаким Осоговски/ Фото: Слободен печат/Драган Митревски
Фрески во манастирот Св. Јоаким Осоговски/ Фото: Слободен печат/Драган Митревски

„Недозволиво е да се менуваат историските факти и вистини на нашите простори. Фреските од пред извесно време се вратени во оригиналната состојба. Меѓу другото, за во иднина да не ни се случуваат вакви работи, донесовме Одлука за сите интевенции, стручна работа или било какви други работи во црквите и манастирите да се добива дозвола од страна на МПЦ и да се контролира што се работи во истите, вели Митрополитот Григориј во изјава за „Религија.мк“. Самиот медиум овој случај го нарече „срамен фалсификат“.

Фотографии сликани и отстапени од КИЦ Спона

Викендов го посетивме Осоговскиот манастир за да видиме во каква состојба се фреските во манастирската црква за кои се појавија информации и фотографии дека биле преименувани.

Според пишувањата на „Спона“, преименувањето било направено врз фреските на јужниот ѕид на црквата на кои се претставени царот Урош, цар Лазар, кралот Милутин и Стефан Дечански, и кои, според Спона биле преименувани во Свети цар Владимир Киевски, Свети Цар Јован Милостиви, Свети Константин Велики и Свети Ниќифор Фока, како и на ликовите на Свети Никодим и Стефан Првовенчани на северниот ѕид, кај кои биле ставени имињата на Свети Константин Кавасила и Свети Јустинијан Први.

Фрески во манастирот Св. Јоаким Осоговски/ Фото: Слободен печат/Драган Митревски
Фрески во манастирот Св. Јоаким Осоговски/ Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Од она што можеше нашата екипа да го види на лице место, сите наведени фрески во манастирската црква во Свети Јоаким Осоговски ги носат оригиналните имиња. Слабото осветлување во самата црква, како и висината на која се поставени ликовите и имињата на наведените светци не ни дозволуваше подетално да се увериме дали на имињата навистина било интервенирано и на каков начин.

Фотографии снимени и отстапени од КИЦ Спона

Сепак, фотографиите што ги направивме покажуваат дека на местата од левата и од десната страна на главите на ликовите на фреските каде според црковните канони стојат имињата на светите ликови кои се претставени, има траги од бришење, има избледени натписи кои се наѕираат под сегашните, невоедначени нијанси на сината боја на позадината и малку несмасно испишани имиња со црковно-словенска азбука. Нестручно око тешко може да утврди што навистина се случувало со овие фрески, но споредувајќи ги ликовите лево и десно од овие светци се уверивме дека сите имаа грижливо испишани имиња на воедначена сина позадина.

Нашите обиди да зборуваме со старешина на манастирот или со некое црковно лице кое би можело да ни протолкува што се случило со овие конкретни фрески не вродија со плод. Ни беше кажано дека старешина во вистинската смисла на зборот во моментов нема, а дека богослужбите ги обавуваат неколкумина монаси кои доаѓаат и заминуваат од манастирот по потреба, а дека за сите информации не упатија да се обратиме до седиштето на Кумановско-осоговската Митрополија.

Фрески во манастирот Св. Јоаким Осоговски/ Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Затоа пак, од лицата кои беа ангажирани во одржувањето на хигиената во црквата и во сувенирницата на манастирот ни беше забележано дека не смееме без дозвола да сликаме во внатрешноста на црквата.

На нашето прашање, пак, дали на фреските на српските цареви Урош и Лазар и на кралевите Милутин, Стефан Дечански и Стефан Првовенчани било скоро нешто интервенирано, категорично одговорија  со– не.

Манастир Свети Јоаким Осоговски/ Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

„Не треба да зачудува, многу власти се сменија низ историјата- Срби, Бугари, Македонци, и сите сакале да остават свој белег на местото“, беше неофицијалниот коментар на црковно лице блиско до Осоговскиот манастир, кое ни изјави дека не може ништо официјално да зборува за случајот со фреските кој ги разбранува духовите.

Од конзерваторските кругови во земјава, исто така неофицијално, дознаваме дека тие имале информации за преименувањето на фреските не било скоро направено. Потребно е да се прават годишни увиди во состојбата на културното наследство, но недостатокот на кадри, ресурси, како и бирократизирањето на оваа професија, која пред се треба да делува на терен, а не во канцеларија, си го направиле своето“, вели нашиот извор.

Директорот на Националниот Конзерваторски центар, Мемет Селмани, за утре најави дека ќе има извештај на тимот конзерватори кои денес прават увид во состојбата на манастирските фрески. Врз основ на нивните наоди Управата за културно наследство ќе донесе одлука што и како да се постапи во врска со овој случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот