„Слободен печат“ во Истанбул: Град во кој во ист момент го живеете минатото, сегашноста и иднината

Единствен град во светот во кој може да ручате во Европа, а десертот да го изедете во Азија или обратно, град кој бил доволно величествен за да биде престолнина на три империи. Така туристичкиот водич започна да ја раскажува приказната на Истанбул, и ако првичниот впечаток беше дека можеби настапува малку нескромно и субјективно, сепак после секој поминат метар пеш, со брод или возило се уверувате дека секаде наоколу, во автентична архитектура, живописни форми и бои, звуците, ликовите, има некоја магија на која не може да и одолеете, тука едноставно ви ги обзема сите сетила. Секоја џамија, сарај, улица, чаршија раскажува некоја своја приказна, а вие секогаш сакате да чуете уште.

Мост на Босфор

Поголем дел од градот во кој живеат околу 20 милиони луѓе се протега на Европскиот континент, каде и градот почнал да се создава, според преданијата затоа што тој дел бил поубав. Тука се наоѓаат и поважните туристичките локации. Истокот и Западот ги спојуваат три моста и два подводни тунели, по едниот се движи метро, а по другиот може да поминат автомобили и мали комбиња, но не и автобуси. Иако се чини дека има повеќе опции да го поминете Босфор, сепак поради големиот метеж некогаш е најбрзо тоа да го направите со бротче. На мостовите има и по четири ленти во еден правец, но сепак е гужва. Оние што живеат во овој град велат дека секогаш кога се во можност избираат стан во близина на местото каде работат, но сепак високите кирии знаат да бидат проблем, па мора да патуваат со часови од работното место до дома и обратно.

Бродови на Босфор

Многубројните бротчиња на Босфорскиот проток може да се искористат и за мало крстарење кое трае малку повеќе од еден час и чини 25 лири. Од бродот ви се отвораат прекрасни видици и пејзажи, а за голем број туристи посебна атракција е тоа што на ова крстарење може да се видат од блиску раскошните и луксузни вили во кои се снимаат турските ТВ новели. Интересен е податокот дека токму поради овие телевизиски серии Истанбул во последниве години го посетуваат поголем број туристи од Латинска Америка.

Во Истанбул има многу што да се види. Света Софија, Сината џамија, сарајот Токапи се во непосредна близина.

Сината џамија

Аја Софија сега е прекрасен музеј, но била изградена како црква, а потоа претопена во џамија. Сепак таа е едно од најголемите архитектонски остварувања во светот.

Палатата Топкапи не смеете да ја пропуштите бидејќи ќе може да научите многу за историјата на Турција, но и практично да се уверите во моќта која ја имал султанот. Во оваа палата престојувале неколку султани, а интересно е тоа што таа е поделена на три дела. Колкава била моќта на султанот покажува тоа што луѓето кои престојувале и работеле во палатата можеле да се движат само во еден дел од палатата. Еден дел бил резервиран само за султанот и таму никој, буквално никој не можел да влезе без тој да го покани. Ова правило важело и за неговите сопруги и деца.

Топкапи Сарај

Во палатата има посебен објект каде султанот ги чувал своите турбани, посебен објект каде се чувале неговите книги, еден објект каде се облекувал и се така подредено на неговите потреби и желби. Меѓу повеќето интересни приказни за животот во овој сарај е и онаа за чешмите кои биле изградени околу објектот каде султанот ги примал амбасадорите од другите држави. Овие чешми се пуштале за да прават врева и војниците надвор да не може да чујат што зборуваат султанот и неговите гости. Објектот можеби немал акустична фасада, но сепак се нашло решение. Во сарајот има и еден павиљон кој е полн со различни и преубави часовници кои султанот ги добивал на подарок од неговите гости, со надеж дека ако султанот ги користи нивните часовници, ќе може да ги пробијат на многубројниот турски пазар.

Посебно интересен е најголемиот и најпознатиот од историските 86-каратен дијамант кој е изложен во Топкапи. Кога ќе видите како блеска овој огромен скапоцен камен, веднаш се поставува прашањето од каде потекнува ова скапоценост на која и денес тешко и се одредува вредноста. Легендата вели дека дијамантот прв го пронашол собирач на ѓубре, кој потоа го продал на човек кој изработувал лажици, за само три лажици. Вредноста на овој предмет не ја знаел ниту мајсторот за лажици, но откако го купил, го изложил дијамантот во својот дом. На гости му дошол пријател кој работел со скапоцени камења и веднаш ја забележал вредноста на дијамантот. Но тогаш настанал проблем како овие тројца да го поделат дијамантот. Проблемот стасал до султанот, кој нашол решение со тоа што го зел скапоцениот камен за себе. Секако на пронаоѓачот, купувачот и проценителот им дал по некоја лира.

И додека ги примате со сите сетила овие информации за момент може да почувствувате како да сте во сарајот пред некој век и веќе ги гледате забрзаните слугинки, убавите конкубини и султанот како пробува нов турбан украсен со скапоцениот дијамант. За да поуживате уште малку во овој филм најдобро е да седнете во ресторанот во Сарајот со поглед на Босфор. Таму за момент во вашата фантазија навистина може да се почувствувате како султан, јадејќи го неговото омилено јадење, телешки медаљони. Во менито на овој ресторан навистина има јадење што се вика “тоа што султанот сака да јаде“.

Корисно е да се спомне дека влезот во Топкапи чини 79 лири, но можете да добиете гратис билет ако имате новинарска легитимација.

Џамијата „Султан Ахмед“ е изградена од истакнатиот архитект Седефкар Мехмед-ага по наредба на султанот Ахмед I во периодот од 1609 до 1616 г. Поради своите бои — сина, зелена и бела, од плочка од порцелан, во Европа исто така е позната и како „Сина џамија“. Ова е првата џамија во Османлиската Империја која има 6 минариња. Џамијата била изградена на местото на царскиот дворец во Константинопол, во близина на Света Софија (во тоа време главна џамија во Цариград). И тука некаде низ улиците на градот на двата континенти е и познатата Капали чаршија, некој вид на затворен пазар, составен од шеесетина улици на кои има 5.000 продавници, 60 ресторани, 18 фонтани, 12 џамии и др. Чаршијата е многу позната по своите теписи, кожа, керамика, сувенири и накит.

Плоштадот Таксим исто така е дестинација која не смее да се пропушти, како и црквата Св.Спас, палатата Долмабахче. Ова е огромна палата долга 600 метри во која има 285 соби и 43 салони. Палатата е изградена во 1856 година од страна на султанот Абду Мечит. По основањето на Турската Република, Кемал Ататурк ја присвоил палатата како свој дом, каде го завршил и својот живот на 10 ноември 1938 година во 09:05 часот. За оддавање на негова почит сите часовници во палатата го покажуваат часот на неговата смрт.

Палата Долмабахче

И тука некаде меѓу џамиите, црквите, дворците, не може, а да не ви паднат во очи тезгите на кои се продава познатиот турски локум, направен од бадеми, лешници, ореви, алва и разни други првокласни производи. Дури и да не сте љубител на локум овој мора да го пробате, а ќе ви го послужат во чај од јаболко.

Кога се движите низ градот ќе забележите и дека тој се уште интензивно се гради. Но сега високо над џамиите се издигнуваат модерни градби кои ја пишуваат новата историја на Истанбул, градот во кој во ист момент може да го живеете минатото, сегашноста и иднината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот