„Слободен печат“ во Букурешт: Победата е остварлива само ако се верува во неа

epa09267790 North Macedonia starting eleven poses prior to the UEFA EURO 2020 group C preliminary round soccer match between Austria and North Macedonia in Bucharest, Romania, 13 June 2021. EPA-EFE/Mihar Barbu / POOL (RESTRICTIONS: For editorial news reporting purposes only. Images must appear as still images and must not emulate match action video footage. Photographs published in online publications shall have an interval of at least 20 seconds between the posting.)

Успех во директниот дуел ќе значи многу – не само три освоени бода, туку и подобар меѓусебен скор во случај Украинците да слават против Австрија во последното, трето коло од групата Ц, што ќе се игра на 21 јуни.

Од нашиот специјален известувач:
Милорад Стојмановски

Ќе нема многу избор и можност за тактизирање со конечниот резултат в четврток, кога македонските фудбалски репрезентативци се среќаваат со Украина (15 часот, Национална арена), во вториот натпревар од историското за нас 16. Европско првенство. Само четири третопласирани национални тимови од шесте групи ќе обезбедат пласман во осминафиналето на ова натпреварување, и со оглед на поразот против Австрија (1-3) на дебито во неделата, победа во директниот дуел ќе значи многу – не само три освоени бода, туку и подобар меѓусебен скор во случај Украинците да слават против Австрија, во третото коло од групата Ц, закажано за 21 јуни, кога Македонија ќе игра против Холандија, во Амстердам.

Победата е остварлива само ако се верува во неа. Сите изјави на македонските фудбалери досега беа дека, и покрај почетниот неуспех, не се предаваат и дека шансата уште постои. Само еден ден одмор имаа „рисовите“ по неделниот натпревар, кои својот тренинг на теренот на фудбалскиот клуб Стеауа го одржаа утрово во комплетен состав. Повеќе од една седмица репрезентативците се во задолжителен карантин во хотелот „Мериот“ поради строгите правила на УЕФА, која го пропишува здравствениот протокол за целото првенство.

Фото: EPA-EFE/Robert Ghement

Да се издржи притисокот до крајот

Одбраната против уфрлувањата од страничните позиции ни беа најслабата точка во играта против Австрија, е резимето во анализите на македонските експерти за првиот дуел во Букурешт. Селекторот Игор Ангеловски може да извлече поуки од тој натпревар во кој не игравме подредена улога, но попушти концентрацијата на одбраната во последните 12 минути од мечот. Украина токму во 75 и 79 минута ги постигна головите против Холандија, што се совпаѓа со периодот од играта кога и Австрија го скрши отпорот на Македонија (Грегорич постигна гол за водство од 2-1 во 78. Минута, а потоа и Арнаутовиќ во 89. минута). Од клучно значење ќе биде да се издржи притисокот до крајот на натпреварот и да се изнајдат сили за психофизичкиот напор во последните 15 минути.

Најголемиот број македонски репрезентативци го немаат потребниот број тешки, турнирски натпревари „во нозете“ и тоа неискуство им се одмазди токму при крајот на дуелот против Австрија.
Најголеми оптимисти се македонските навивачи кои останаа во Букурешт да го проследат и вториот натпревар на своите миленици на ЕП и кои деновиве со македонски песни во рестораните во стариот дел на градот се загреваат за средбата в четврток. Меѓу нив има и такви што долетале од САД специјално за овие историски средби.

Украина ќе го менува составот?

Без Олександер Зубков, кој се повреди во 13 минута од средбата против Холандија, но можеби со опоравениот Виктор Циганков, кој почна да тренира од понеделникот, ќе настапи Украина на средбата против Македонија. Украинците долетаа од Амстердам во Букурешт во понеделникот и веднаш имаа тренинг, по кој одржаа средба и со новинарите. На пресот бекот Илја Забарњи ги демантираше гласините дека имало конфликт меѓу неговите соиграчи Јармоленко и натурализираниот Бразилец Марлос по првата средба во Амстердам.

Фото: EPA-EFE/Dean Mouhtaropoulous

Холандија во неделата ја прекината серијата од шест меча без пораз на Украина, која беше убедливо прва со 20 бода во својата квалификациска група за Евро 2020, со шест победи и две нерешени средби. Јармоленко во поразот во Амстердам (2-3) стаса до својот 41. гол во украинскиот дрес, само седум зад рекордерот Шевченко. Извесно е дека играчот на Вест Хем и вториот напаѓач, Јаремчук ќе бидат ударната игла во нападот на селекторот Андриј Шевченко. Со постигнатиот гол во 75. Минута против Холандија, Украина го сопре постот без голови долг 552 минути, кој почна уште на Евро 2012, на кое беа еден од соорганизаторите.

Украинците очекуваат поддршка од трибините поради бројните сонародници што живеат и работат во Романија, но и поради тоа што романскиот тренер Мирча Луческу со години е тренер на екипата на Шахтер, речиси редовен учесник во Лигата на шампионите. Покрај Шахтер, костурот на тимот го сочинуват и играчи на Динамо Киев, но Украина има одлични интернационалци во Јармоленко (Вест Хем), Зинченко (Манчестер сити). Малиновски (Аталанта) и неколкумина во Белгија. Олеснителна околност за нас е што поради повреда на ова ЕП не настапуваат Конопљанка и Коваленко.

Фото: EPA-EFE/Koen van Weel

Шевченко беше нервозен по поразот во Скопје

Бев сведок на три од четирите пријателски средби на овие две репрезентации во минатото. Андриј Шевченко, славниот некогашен напаѓач на Милан, сега во улога на селектор, како играч мошне нервозен го напушти Градскиот стадион во Скопје (сега Арена „Тодор Проески“) во 2004 година, кога Украина загуби во Скопје со 0-1. Носителот на „Златната топка“ за таа година беше сопрен од нашите дефанзивци на таа средба, Гоце Седлоски, Игор Митревски, Милан Стојаноски, а четвртиот бранител во нашиот тим, Гоце Ставревски, го постигна единствениот гол.

На 11 октомври 2003 година, на стадионот на Динамо, во Киев, мрежите останаа неначнати, кога блескаше голманот Јане Николоски. Тој тим на украинската ѕвезда Олег Блохин, тогаш во улога на селектор, беше помалку успешен од тој кон крајот на 2014, кога во Харков бевме поразени со 0-1, во рамноправна игра. Последниот меѓусебен дуел се одигра во Скопје, во октомври 2015, кога загубивме со 0-2. Многу денешни репрезентитивци играа на тој натпревар. По овој пораз, беше назначен актуелниот селектор на Македонија Игор Ангеловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот