„Слободен печат“ во Букурешт: Да му ја покажеме нашата „шева“ на украинскиот селектор

Фото: ФФМ

Важноста на натпреварот не треба да им ги „пресече“ нозете на македонските фудбалери. Само треба да ја покажат синергијата и енергијата од изминативе неколку години и работите, односно головите, ќе си дојдат на своето место – во мрежата на противникот.

Наш специјален известувач
Милорад Стојмановски

Ќе може ли Македонија да ја прикаже својата препознатлива на игра со кратки додавања, во стилот на „тика-така“против силниот противник Украина? Утре, од 15 часот, на Националната арена во Букурешт, во рамките на второто коло од групата „Ц“ на 16. Европското првенство, македонските фудбалски репрезентативци треба да ја покажат својата „шева“ против избраниците на украинскиот селектор Андриј Шевченко, познат по прекарот Шева.

Важноста на натпреварот не треба да им ги „пресече“ нозете на македонските фудбалери. Само треба да ја покажат синергијата и енергијата од изминативе неколку години и работите, односно головите, ќе си дојдат на своето место – во мрежата на противникот.

Сепак, на вакви важни, турнирски натпревари, што се играат на четири дена, кога секој е решавачки дали ќе се продолжат настапите или ќе се замине дома, тешко е „да се биде уметник“. Особено кога против себе имате сериозен противник, каков што е Украина, чии резултати под водство на Шевченко се во нагорна линија, и покрај поразот што неговиот тим го доживеа во првиот натпревар од групата против Холандија (2-3) во Амстердам.

Фото: EPA-EFE/Vadim Ghirda

Алиоски: Мораме да размислуваме позитивно

„Овој натпревар е како финале за нас, но и за Украина“, изјави македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски пред решавачката средба. Играчот кој е во фокусот на медиумите поради пцостите на расна основа, упатени кон него од Австриецот Марко Арнаутовиќ, се обидува да се сконцентрира на фудбалските работи.

– Горди сме на натпреварот што го одигравме против Австрија. Резултатот не беше добар за нас, но мораме да размислуваме позитивно. Се фокусираме на мечот со Украина, имаме време за закрепнување и ќе бидеме подготвени. Го анализираме противникот и треба да ги корегираме грешките од првиот натпревар. Треба да го играме нашиот фудбал, да веруваме во себе – рече Алиоски.

Единствено против Украина од трите наши противници на ова ЕП имаме победа во досегашните меѓусебни дуели, на пријателската средба во Скопје од 2004 година (1-0). Тоа ги зголеми апетитите дека шансите за победа се најголеми токму на овој натпревар, иако според моментното рангирање на ФИФА-листата, Украина е на 24-то, а Македонија на 62. место.

Фото: EPA-EFE/Dean Mouhtaropoulous

Доколку „рисовите“ слават на денешниот натпревар, тоа ќе биде седми пораз по ред на Украинците во досегашните настапи на европските првенства од 2012 година до денес и ќе станат неславни рекордери со најдолга низа порази на европските првенства воопшто. Почнаа само со победа против Шведска од 2-1, кога беа коорганизатори на ЕП пред девет години и оттогаш редат порази. Ако и денеска излезат со наведнати глави од теренот, ќе ја надминат поранешна Југославија, која на европските шампионати од 1968 до 1984 забележа шест неуспеси едноподруго.

Украински стил со италијански примеси

Украинскиот фудбалски аналитичар Олександер Севидов ја смета Украина за фаворит на денешниот натпревар и констатира дека ако не победи против Македонија, тогаш и не заслужува да продолжи да игра на ЕП. Не само Севидов, најголемиот дел од Украинците се оптимисти. Вчера попладне, фудбалерите на Украина требаше да имаат тренинг на Националната арена за да го „почувствуваат“ теренот, зашто првиот натпревар против Холандија го играа во Амстердам, а утрешниот и тој против Австрија, на 21 јуни, ќе го играат во Букурешт. Инаку, во главниот град на Романија досега тренираа на стадионот „Триумфална порта“. Ќе минат ли под „арката“ како победници?

– Против Македонија очекувам уште едно добро издание. Нашиот стручен штаб ќе ја одбере најдобрата тактика, ќе го анализира противникот, ќе ги увидиме нашите грешки, ќе се подготвиме, и ако не сакаме да завршиме уште во групната фаза, мора да победиме – изјави најдобриот украински играч Андриј Јармоленко.

Фото: EPA-EFE/Koen van Weel

Селекторот на Украина Андриј Шевченко, е сериозни решен да го имплементира италијанскиот стил на работа со репрезентацијата. Не случајно откако беше назначен за селектор за помошник на клупата го избра Мауро Тасоти, познатиот соиграч од Милан од периодот кога Шева беше најдобар европски играч, во 2004 година, а анализа на играта на противниците прави уште еден Италијанец, Андреа Малдера. Последниве 2-3 години се чувствува таа промена. Нерешено против Италија, Франција и Португалија на гости, победа против сонародниците на Роналду во квалификацискиот меч за ЕП од 2-1, на средбата во Киев, серија од шест натпревари без пораз пред почетокот на ова првенство, овие успеси се внесени во портфолиото на актуелниот украински селектор, кој амбициозно го презема кормилото на националнот тим пред речиси пет години.

Фото: EPA-EFE/LUCA ZENNARO

Берлускони, кумот на Шевченко, го бара Пандев во Монца

Познатиот Силвио Берлускони, кој лани имаше вложувања од 30 милиони евра кога го презема Ц-лигашот Монца, ќе се обиде со одврзано ќесе да го убеди македонскиот капитен Горан Пандев (37) да не се откаже од играњето фудбал и наредната сезона и да настапува со оваа екипа во Серијата Б, на местото на Марио Балотели, кој најверојатно ќе замине од клубот, пишуваат италијански медиуми.

Наводно, ќе му биде понуден едногодишен договор, со можност за потпис за втора сезона.
Инаку, Берлускони, кој беше претседател на Милан кога Шевченко беше ѕвезда на тимот, му е кум на Украинецот во бракот со американскиот топ-модел од полско потекло Кристен Пазик. Силвио го крсти нивниот прв син Јордан.

Видео на денот