„Слободен печат“ во Амстердам: Зошто, и покрај добриот впечаток, прерано се простивме од „Евро 2020“

epa09267923 Goran Pandev (L) of North Macedonia celebrates with teammates after scoring the 1-1 equalizer during the UEFA EURO 2020 group C preliminary round soccer match between Austria and North Macedonia in Bucharest, Romania, 13 June 2021. EPA-EFE/Vadim Ghirda / POOL (RESTRICTIONS: For editorial news reporting purposes only. Images must appear as still images and must not emulate match action video footage. Photographs published in online publications shall have an interval of at least 20 seconds between the posting.)

Стравот да не бидеме катастрофално поразени како дебитанти на едно големо натпреварување, заморот од долгата напорна сезона кај некои играчи што не седеа на клупа во своите клубови, малиот избор играчи од врвна класа кои постојано играат во силни првенства и во лигите на УЕФА, лошата тактика во првото полувреме против Украина, придонесоа да не биде остварена посакуваната цел – пласман во втората фаза.

Од нашиот специјален известувач
Милорад Стојмановски

 

Македонија остави добар впечаток досега на „Евро 2020“ како дебитант, е оценката и на странски коментатори, чии симпатии се чувствуваа во нивните анализи уште пред почетокот на првенството, особено поради победата против Германија во квалификациите на СП во Катар 2022, а оценките се во ист стил и за време на првенството.

EPA-EFE/Stuart Franklin

Аплаузите упатени кон фудбалерите на крајот од двете средби на Националната арена во Букурешт, најдобро зборуваат какво е мислењето и на најверните навивачи на репрезентацијата. Но, реална анализа треба да се направи, со истакнување на добрите и лошите страни во двата пораза против Австрија (1-3) и Украина (1-2).

Лоши последни 20 минути против Австрија и уште полоши први 45 минути против Украина беа решавачки најдобрите македонски фудбалери да се простат од понатамошните борби на 16. Европско првенство веќе по првите два натпревара од групата Ц. Стравот да не бидеме катастрофално поразени како дебитанти на едно големо натпреварување што го наметна подефанзивниот пристап кон играта, заморот од долгата напорна сезона кај некои играчи што не седеа на клупа во своите клубови, како што е случај со други репрезентативци, малиот избор играчи од врвна класа кои постојано играат во силни првенства и во лигите на УЕФА за достојно да ги заменат првотимците, лошо поставената тактика од селекторот во првото полувреме на натпреварот против Украина, придонесоа да не биде остварена посакуваната цел од пред првенството – пласман во втората фаза од ова натпреварување.

Зошто затворена варијанта на почетокот против Украина?

Против Австрија бевме рамноправни најмалку две третини од натпреварот. Во нападот ги имавме и Горан Пандев и Александар Трајковски, израмнивме по шокот поради примениот гол (потврда дека тимот има карактер), пропуштивме убава шанса (Бобан Николов за водство), а пресвртот се случи по влегувањето во игра на двајца австриски напаѓачи (Арнаутовиќ и Грегорич), за кои немавме одговор во одбраната, особено немавме решение за Давид Алаба кој тргна во напад во второто полувреме, по дефанзивната улога што ја имаше во првиот дел.

За жал, наместо против Украина да почнеме со двајца напаѓачи, затоа што само со победа можевме да се надеваме на осминафинале, играчот за врска Стефан Спировски го зазеде местото на Трајковски уште од првата минута, како и неприродната бековска позиција на Бобан Николов, не донесоа рамнотежа на средината на теренот. Напротив, Украинците доминираа во првите 45 минути и поведоа со 2-0. Селекторот Игор Ангеловски индиректно ја призна својата грешка и ги замени споменатите двајца фудбалери со напаѓачите Трајковски и Дарко Чурлинов во второто полувреме.

EPA-EFE/Vadim Ghirda

Тоа што не примивме повеќе голови кога Украина притисна од сите страни е заслуга на извонредниот голман Столе Димитриевски. Сепак, со похрабриот, напаѓачки пристап на целиот македонски тим во второто полувреме, играта доби нов лик, по што се редеа можностите за постигнување погодок, од кои, за жал, искористивме само една, по досудениот пенал. Езџан Алиоски го совлада Бушан дури од вториот обид, откако првиот удар од белата точка украинскикот голман го одбрани. Имавме неколку пропуштени шанси и вистинска штета е еден од добрите удари на Трајковски кон противничкиот гол не заврши во мрежата да дојдеме до реми, што ќе беше и најреален конечен исход, бидејќи двата тима имаа по едно полувреме.

Елмас истрча најмногу, Пандев – втор?!

Капитенот Пандев, како стрелец на голот против Австрија и како играч врз кого беше направен пеналот против Украина, заедно со Димитриевски (му одбрани пенал на Руслан Малиновски во 84. минута и нè остави во игра за реми), се играчите со најдобар ефект на двете досегашни средби. Димитриевски има 11 одбрани на двете средби и осум боксувања. Тоа, од друга страна, покажува дека нашиот голман морал да ги поправа грешките на играчите задолжени да бидат последен бедем пред неговиот  гол.

Симптоматично е што во конечната статистика, втор македонски играч според претрчаните километри е речиси 38-годишниот Пандев, заедно со Стефан Ристовски – по 19,9 км вкупно на двата натпревара. Тоа многу зборува дека Аријан Адеми, Енис Барди и Езџан Алиоски, многу важни играчи за Македонија во т.н. маневарски простор во средината на теренот, по напорната сезона во своите клубови ја немаа потребната свежина на двата натпревара (Барди дополнително беше и во изолација поради короната). Тие, исто така, како креатори на нашата игра, не само што имаа многу помалку додавања од своите противници, туку тие беа и со низок процент на прецизност.

EPA-EFE/Mihai Barbu

Елмас, кој не игра редовно за првиот тим на Наполи, помлад е (21 година) и делува посвежо досега на теренот, на двете средби вкупно истрча најмногу од сите македонски репрезентативци и е вкупно-19-ти досега по вчерашниот ден на целото првенство со истрчани вкупно 21,1 километри. Тој во првото полувреме против Украина беше планиран да биде дополнување за Горан Пандев во нападот (против Австрија играше поповлечено во одбраната), но имаше повеќе обврски во средината на теренот отколку во противничкиот 16-ник, а по заменувањето на Аријан Адеми во 85. минута, го зазема неговото место во тимот како дефанзивен играч за врска.

Пандев не тренираше поради болки во глуждот

Утрово, фудбалерите одржаа тренинг во речиси во комплетен состав, со исклучок на Пандев, кој е поштеден затоа што чувствува болки во глуждот. Вчера попладне, македонските фудбалери го одржаа првиот тренинг на „Јохан Крајф“ арената во Амстердам, каде што задутре (18 часот) ќе играат против Холандија. Тука, како и во Романија, времето е променливо, дождот и сонцето наизменично се присутни. Од првиот тренинг, вчера, беа поштедени играчите кои настапија на средбата со Украина, практика што се применуваше и во Букурешт за првиот тренинг по натпреварот со Австрија.

EPA-EFE/Stuart Franklin

Домаќинот на задутрешната средба, тимот на „Оранје“ веќе обезбеди пласман во осминафиналето со двете досегашни победи – против Украина со 3-2 и против Австрија со 2-0 и можеби селекторот Франк Де Бур ќе одмори некои од клучните играчи во тимот.

Поради ковид-ограничувањата, на трибините нема да бидат присутни толку многу македонски навивачи како што беше случај во Букурешт. Холандската влада не ја стави нашата земја на „зелената листа“ и покрај ниските бројки на заразени во последно време, сметајќи го нивното присуство како „неважно“ (non-essential travel). Поддршката сепак ќе стаса од оние наши сонародници што работат и живеат во земјите за кои Холандија не постави бариери и кои, се разбира, успеале да обезбедат влезници за овој натпревар.

Дуелот Македонија – Холандија ќе го суди Романецот Иштван Ковач, се надеваме дека нема да ги повтори грешките на своите претходници од средбите на Македонија.

Димитриевски со најмногу одбрани досега на турнирот – 11!

EPA-EFE/Robert Ghement

Во вкупната статистика од двата меча, голманот Столе Димитриевски досега е водечки голман на цело „Евро 2020“ – има 11 одбрани, исто колку и Турчинот Чакир.

Предност на Димитриевски, голманот на шпанската прволигашка екипа Рајо Валјекано, му дава одбранетиот пенал на средбата со Украина, кога го надмудри украинскиот играч од средниот ред и член на Аталанта Руслан Малиновски. Димитриевски има и 8 боксувања кога успешно го напушташе голот на нафрлени топки.

„Слободен печат“ во Букурешт: Македонските навивачи победија, на ред се фудбалерите!

„Слободен печат“ во Букурешт: Да му ја покажеме нашата „шева“ на украинскиот селектор

„Слободен печат“ во Букурешт: Победата е остварлива само ако се верува во неа

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот