„Слободен печат“ во Амстердам: Крај на една историска епизода како почеток на нова?

epa09291295 North Macedonia players honor Goran Pandev as he is substituted during the last game in his career during the UEFA EURO 2020 Group C match between North Macedonia and the Netherlands at the Johan Cruijff ArenA in Amsterdam, Netherlands, 21 June 2021. EPA-EFE/Pieter Stam de Jonge

Трите натпревари на големата евросцена се огромна школа за репрезентацијата, која подновена, со нов селектор и нов елан ќе продолжи наесен во квалификациите за СП 2022. Можен ли е пласман и на Мундијал, откако играчите се уверија дека можат да бидат рамноправни и со силни репрезентации?

Од нашиот специјален известувач
Милорад Стојмановски

Најдобрите македонски фудбалери ги завршија натпреварите на 16. Европско првенство без освоен бод, но ги освоија срцата, не само на Македонците, туку и на многу други кои со симпатии гледаа на дебитантскиот настап на момчињата во црвено-жолти дресови на едно големо натпреварување.

Фаворитот и домаќин, Холандија, со 3-0 ја совлада Македонија во Амстердам и со три победи како првопласирана во групата Ц ќе ги продолжи натпреварите во осминафиналето. Австрија, која во Букурешт ја победи Украина со 1-0, исто така ќе игра во нокаут-фазата, а украинските репрезентативци, само благодарејќи на едно подобро полувреме против нас и победата од 2-1 не заминаа дома по првиот круг натпревари.

– Сакавме да бидеме подобри, но не треба да бидеме разочарани зашто ова беше деби и им благодарам на играчите – рече селекторот Игор Ангеловски, кој истакна дека ова му е последна прес-конференција, зашто договорот му завршува на 31 јули. Се шпекулира дека ќе биде наследен од Боби Милевски, со кој репрезентацијата „под 21 година“ се пласира на ЕП 2017 во Полска. Од таа екипа произлегоа многу актуелни А-репрезентативци.

Статива, офсајди, ВАР…

Македонија има за што да жали од резултатски аспект на ова ЕП, зашто воопшто не разочара, и покрај трите порази, а со малку повеќе среќа и искуство сега можеше со нетрпение да го очекува наредниот противник.

EPA-EFE/Kenzo Tribouillard

И против „лалињата“ не заслуживме толку висок пораз. Селекторот Ангеловски почна со офанзивна постава – 4-2-3-1, со напаѓачите Трајковски и Тричковски покрај Пандев во шпицот, што во првото полувреме резултираше со неколку шанси и поништен гол. Трајковски ја погоди стативата, а веднаш потоа, по очигледен, но недосуден прекршок врз Пандев, Мемфис Депај го отвори резултатот. Романскиот судија Иштван Ковач бараше ВАР за да ја преиспита ситуацијата, но немаше промена на одлуката.

Освен тоа, два гола ни беа поништени поради офсајд, а холандскиот голман Стекеленбург со крајни напори одбрани слободен удар на Барди во второто полувреме. Натпреварот беше решен од 50. до 57. минута, кога Вајналдум постигна два гола и победникот беше уште тогаш познат.

EPA-EFE/Olaf Kraak

По ваквиот расплет на настаните, уште во 65. минута од игра беше повлечен Горан Пандев, кому уште пред мечот Вајналдум му подари портокалов дрес со бројката 122, колку што одигра средби струмичанецот под знамето на Македонија. Македонските фудбалери формираа шпалир да го испратат својот капитен од теренот додека и холандските фудбалери и публиката поздравуваа со стоечки овации.

– Им го отстапувам местото на помладите, свесен дека овие момци располагаат со голем квалитет и треба само повеќе вакви натпревари и повеќе искуство. Оваа генерација може уште повеќе да ја радува македонската јавност – рече Пандев.

EPA-EFE/Kenzo Tribouillard

Само вторпат во последните 18 средби Македонија не успеа да постигне гол, а три пораза по ред немавме доживеано уште од 2016 година. Треба да се напомене дека сите противници беа тешки и дека не игравме на домашен терен.

Со нови сили во квалификациите за СП во Катар

Што понатаму? Според најавите, не се простуваат од репрезентацијата само Пандев и Ангеловски, туку и Иван Тричковски и Крсте Велковски. Очигледно ќе следи ремонт на тимот.

EPA-EFE/Olaf Kraak

Трите натпревари на големата евросцена се огромна школа за репрезентацијата, која подновена, со нов селектор и нов елан ќе продолжи наесен во квалификациите за СП 2022. Ангеловски остави зад себе залиха од шест бода од три средби, од кои мошне значајни се трите од гостувањето во Германија. Има уште многу да се игра од тој циклус, но со стекнатата самодоверба од ова првенство, сè е можно, дури и пласман на Мундијал, откако играчите се уверија дека можат да бидат рамноправни и со силни репрезентации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот