„Слободен печат“ открива: Што пишува во Предлогот на закон за данок на солидарност?

Пари долари
Фото: Pexels/Karolina Grabowska

Добивката од 2022 година ќе се споредува со просекот од 2017, 2018, 2019 и 2021 година, а финансискиот резултат од 2020 година не се зема предвид, како особено кризна година. За екстра профит се смета оној над 20 проценти

Владата го утврди текстот на Предлогот на закон за данок на солидарност. Овој данок треба да дејствува како редистрибутивна мерка, со која компаниите што оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално ќе придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.

Овој солидарен данок треба да се пресметува ретроактивно, односно според остварените параметри во 2022 година. Уставни експерти за „Слободен печат“ велат дека тој лесно може да се најде пред уставните судии, затоа што ретроактивноста може да значи правна несигурност на стопанствениците. Министерот за финансии Фатмир Бесими пак смета дека солидарниот данок е во согласност со Уставот, затоа што општествената одговорност е една уставните одредби. Тој посочи дека ова е еднократко решение и се препорачува и од ЕУ.

„Слободен печат“ дојде до Предлог-законот. Во него е наведено дека обврзник на данокот за солидарност е обврзникот на данокот на добивка во согласност со Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. (10 милиони евра). Исклучок се фирмите што почнале да работат во 2022 година, освен ако почнувањето на дејноста е резултат на извршената статусна промена, или пак ако фирмата престанала со вршење на дејност без да изврши статусна промена.

Стапката на данокот за солидарност изнесува 30 проценти. Споредбен период се 2017, 2018, 2019 и 2021 година, а финансискиот резултат од 2020 година не се зема предвид, како особено кризна година. Во законот има предвидено две опции. Во првата се оданочува екстра профитот, а тоа е сè она што е остварено како добивка поголема од 20 проценти во 2022 година споредено со просекот од 2017, 2018, 2019 и 2021. Во вториот случај ако просечната добивка за 2021 и 2022 година е пониска од онаа на 2022 година, тогаш споредбата се прави со просек од три години: 2017, 2018 и 2019 година.

Даночнaта обврска за данок за солидарност настaнува со доставување на даночниот биланс за оданочување со данок на добивка до Управата за јавни приходи. УЈП, пак, врши контрола на начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот за солидарност.

Фирмите што нема да поднесат пресметки за солидарниот данок, во зависност од големината, ќе бидат казнети со глоба од 3.000 евра до 10.000, а казната за одговорното лице е од 200 до 500 евра. Истата казна е предвидена и ако навреме не се уплати данокот или ако има грешни податоци.

Даночниот обврзник е должен да го плати данокот за солидарност најдоцна до 1 април 2023 година.

Инаку, додека се пишуваше предлогот, се предвидуваше подзаконските акти да бидат донесени најдоцна до 1 февруари 2023 година, но сè уште не е донесен ниту законот, па нејасно е како навреме ќе почне неговото спроведување.

Од Владата посочија дека повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит – Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија. Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата.

Минатата година генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги повика владите да размислат за „солидарно оданочување“ на поединците кои го направија своето богатство за време на пандемијата на коронавирусот.

– Треба да се осигуриме дека парите се канализираат таму каде што се најпотребни. Најновите извештаи сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот во текот на изминатата година скокна за 5.000 милијарди долари – рече Гутереш на состанокот на ОН за финансирање на развојот, што се одржа во април 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот