„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ОТКРИВА кој ќе биде новиот финансиски спасител на СЈО

Владата на Република Македонија на некоја од следните седници ќе треба да и даде одобрение на новата министерка за финансии Нина Ангеловска да биде потписник на сметката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), откако главниот потписник за плати и трошоци Катица Јанева заврши во притвор, а нејзините две заменички Елизабета Јосифовска и Ленче Ристоска, по денешната одлука на Советот на јавни обвинители, од СЈО се враќаат на старите работни места, дознава „Слободен печат“.

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека последниот налог за исплата на августовската плата го потпишала заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска. Според нив, СЈО има обезбедено пари, односно Буџет за следните 365 дена, до 15 септември 2020 година. Тврдат дека министерката Ангеловска е единствената правна и најбрза опција да ги потпишува налозите за исплати, бидејќи и самата е „чувар“ на државната каса и тоа законите и го дозволувале.

Поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, осомничена за аферата „Рекет“ веќе 27 дена е во притвор од претходно определените 30 дена. Таа самата на 15 минатиот месец, пред да биде притворена, си поднесе писмена оставка, барање кое и беше едногласно прифатено од Собранието и од Советот на јавни обвинители. Токму овој Совет денеска повторно со гласање само потврди дека дванаесетмината обвинители од СЈО кој ги водеа некои од 20-те обвиненија кои беа поднесени изминатите три години, се враќаат во матичните обвинителства од каде што и дојдоа во СЈО.

Во скопското обвинителство се враќаат Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Гаврил Бубевски. Нивната колешка Лиле Стефанова се враќа во обвинителството во Радовиш, Бурим Рустеми во кумановското обвинителство додека обвинителот Љубомир Лапе во ОЈО Крива Паланка, Елизабета Јосифовска во ОЈО Гостивар, а Стевчо Дончев во ОЈО Кочани.

Од СЈО за „Слободен печат“ велат дека секој досегашен обвинител кој постапувал по одреден предмет си имал своја екипа, ги знаеле предметите „на памет“ и дека се надеваат оти јавниот обвинител Љубомир Јовевски ќе ги именува, меѓу другото да си ги продолжат и предметите кои ги имале од СЈО.

– Очекуваме во скоро време јавниот обвинител на Македонија да одлучи целиот тим на СЈО да биде составен дел од редовното обвинителство, а овој специјален објект да биде на некој начин „истурена единица“ за одреден вид истраги. Во зградата на СЈО има најсовремена техничка опрема. Има најмодерни простории за истраги, има врвен тим кој е задолжен за откривање на економски криминал, каков што нема во ОЈО. Нам ни е јасно дека МВР како и Финансовата полиција можеби сака да си ги врати назад своите иследници кои овде вршат важна задача, но жално за иднината на земјата е тие сега веќе врвно обучени и оспособени лица, да се вратат на работа која нема допирни точки со ова што тие го работеле во изминативе години овде во обвинителството – велат од СЈО за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот