„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ИСТРАЖУВА: На што да внимавате при купување на прочистувач за воздух

фото: Слободен печат

Пред самиот старт на грејната сезона, како и периодот кој следи и во кој загадувањето на воздухот во сите градови е зголемено, веќе во продавниците за електроника може да се купат прочистувачи за воздух од различни производители, по најразлични цени и со најразлични перформанси.

„Слободен печат“ направи истражување доколку купувате ваков уред на што треба најмногу да посветите внимание, по кои цени се продаваат, каква е нивната функција и нивната ефикасност.

На пример, прочистувач за воздух за просторија до 45 квадратни метри што прочистува прав, полен, чад, редуцира хемикалии и миризби, чисти првут од миленици и слично може да чини и до 20.000 денари. За разлика од него, минијатурен прочистувач на воздух за мал простор од 10 квадратни метри или за автомобил може да прочистува ПМ 2,5 честички, а го прочистува и чадот од цигари до 99 отсто, бактерии, гасови и слично и истиот може да чини и околу 3.000 денари. Ако се читаат спецификациите на некои од прочистувачите на воздух ќе се види дека тие имаат и најразлични филтри по квалитет, димензии и слично, како и за тоа кои се прочистувачи за детски соби, спални или дневни соби.

– Во моментов имаме повеќе видови на прочистувачи на воздух во различен ценовен дијапазон, различни производители и со различни функции. На купувачите им препорачуваме доколку сакаат да постигнат поголема ефиканост при прочистувањето на воздухот во просторијата да обрнат внимание на тоа уредот да има повеќе филтри, покрај основниот ХЕПА филтер, да имаат и активен јаглен и слични. Секој прочистувач на воздух доаѓа со одреден рејтинг за стапката на чист воздух на метар квадратен (CADR). Затоа пред да купите прочистувач, треба да проверите колку метри квадратни може да прочисти и да биде соодветен за вашата просторија (дом или работен простор). Кај нас може да добиете уред од 6.000 денари, па се до 35-40.000 денари. Исто така е важно дека по завршувањето на секоја сезона потребно е да се заменат филтрите, а нивните цени се движат од 4.000 до 5.000 денари во зависност од производителот и намената – вели Сандра, вработена во една од поголемите продавници за електрични уреди.

На пазарот, покрај во големите продавници за електрични уреди, прочистувачи може да се купат и во специјализирани продавници, но секаде, потенцираат продавачите, граѓаните треба да знаат точно што сакаат за да го добијат тоа што им е потребно.

– Во моментов немаме толку голема побарувачка, но очекуваме таа да се зголеми во периодот што претстои. Засега најмногу се продаваат филтрите, затоа што граѓаните кои веќе имаат ваков уред сакаат да бидат подготвени за зимскиот период кога загадувањето е на највисоко ниво. Мора да потенцирам, дека купувачите треба да напарват разлика при купувањето, затоа што одвлажнувачи и навлажнувачи на воздух не е исто како што и прочистувачот. Често доаѓа до забуна, па поради тоа и купувачите не се задоволни со изборот. Меѓу прочистувачите има и многу такви кои ги нудат тие опции, па така може да се каже дека со таков уред ќе добиете повеќе – вели Горан кој работи во специјализирана продавница за продажба на прочистувачи на воздух.

Во последниве неколку години, како една од мерките на властите и општините е донирањето на прочистувачи на воздух во голем број градинки, основни и средни училишта со цел оваа целна група да има подобри услови.

Веќе голем број семејства, особено во Скопје, поради големата загаденост на воздухот, особено во зимскиот период, имаат набавено прочистувачи на воздух.

– Ние дома веќе три години имаме прочистувачи на воздух и морам да кажам дека сум задоволен со нивната функција. Нормално, едниот е во дневниот простор и тој го прочистува воздухот кој е само таму, додека за во спалната имаме друг. На дисплејот може да се забележи како реагира уредот при било какво загадување (воздух, цигари, парфеми, средства за чистење и слично), по кратко работење повторно покажува дека воздухот е прочистен. Им препорачувам на сите, доколку немаат ваков уред, веднаш да си купат, затоа што си ја врши својата функција, но нормално претходно да знаат што точно сакаат да купат – вели Александар, корисник на прочистувач на воздух.

„Слободен печат“ побара мислење и од пулмолозите, дали тие на своите пациенти им ги препорачуваат овие уреди и кој е нивниот став во врска со користењето на прочистувачите во домот.

– Секако дека ги препорачуваме на нашите пациенти, особено на оние со хронични заболувања. Овие уреди, покрај прочистувањето на воздухот, можат да бидат од помош при добивање на напади кај ваквиот вид пациенти. Нормално постојат повеќе видови на уреди, па поради тоа им препорачуваме на пациентите според нивниот дом да си набават и такви уреди, но и да имаат, покрај основниот ХЕПА филтер и филтер со јаглен, да земат и таков со јонизатор, затоа што при оваа функција честичките паѓаат на подот и потоа ние механички можеме да ги отстраниме од домот – вели за „Слободен печат“ директорот на детската клиника за белодробни заболувања во Козле, д-р Ангелчо Андоновски.

Експертите велат дека растенијата во една просторија можат да бидат многу добри прочистувачи на воздухот, но само кога имаат дневна светлина, бидејќи тогаш вршат фотосинтеза. Но дефинитивно, ако прочистувачите не вршат замена на воздухот со надворешен, тогаш нема никаков ефект. Од друга страна, пак, актуелните состојби покажуваат дека сега и надворешниот воздух веќе е загаден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот