„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ДОЗНАВА: Владата го повлекува спорниот закон за протести

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Владата ќе ги повлече на доработка Предлог законските измени и дополнувања на Законот за јавни собири кои налагаат многу ригорозни безбедносни правила за организирање на протест, и со кои се ограничува просторот каде може да се протестира, дознава „Слободен печат“ од владини извори.

Информацијата ни ја потврдија и од Владата.

„Владата на Република Северна Македонија ги слушна забелешките на граѓанските организации за најавените предлог-измени на Законот за јавни собири и на денешната 164-та седница одлучи да ги повлече предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација.

Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот на РСМ“, информираат од владата за „Слободен печат“.

Според предложените измени, чиј предлагач е Министерството за внатрешни работи, за да се организира протест потребно е да има најмалку 50 лица, а не како претходно 20, лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат оружје, општоопасно орудие, алкохолни пијалоци и опојни дроги, како и средства на телото (лице, глава и слично) кои создаваат потешкотии при утврдување на идентитетот.

Исто така се воведува ограничување на временскиот период за одржување на мирни и јавни собири и тоа од 6 часот наутро до 23 часот навечер. Се забрануваат протести пред здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на Итна помош, го нарушува мирот на болните и непречено работење на персоналот во здравствените установи.

Исто така се забранува протест пред детски градинки, училишта, на автопати, магистрални и регионални патишта, во и пред тунели, на мостови, надвозници, подвозници, гранични премини, крсносници, пред државни и владини објекти, пред амбасади и конзулати како и пред објекти од посебно значење и интерес за безбедноста на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот