Слобода на збунетите

фото: Архива/Жанета Скерлев

На улиците сѐ уште има луѓе со маски, но во затворени простории речиси сите влегуваат со маски и покрај тоа што не е задолжително. Луѓето се внимателни. Од август ќе има уште, нови олеснувања на мерките, но во меѓувреме, сепак мора.

Дојдоа заедно со луѓето во бели мантили. Некои од луѓето во бели мантили имаа крв на мантилите и остатоци од, главно од тоа што носеа, смрзнати делови од месо. Бутчиња, плешки, полутки, па дури и цели… ајде да не драматизирам, беше тоа пазарот Смитфилд, каде што ноќните активности се вообичаена работа – оттука со месо се снабдува половина Лондон и местото не е за оние со чувствителен желудник.

Ама, тука, отспротива е исто така популарниот клуб „Фабрик“. И така, вечерта пред да истече последната минута од шестнаесетмесечниот локдаун, спроти белите мантили се насобраа луѓе желни за забава, облечени во ламе, во светки, во сите можни бои (сѐ што се купуваше за време на седењето дома, сега требаше да се извади во јавност, да се види и да се биде виден, а тоа да не биде самопослуга или аптека). Верувале или не, ама на некои им беше толку тешко без клубови што чекаа со часови за да влезат. И потоа, гласна музика, држење полуистурен џин тоник, скокање горе-долу како да ве удрила струја  и „конверзација“ во која го фаќате секој седми збор, а и тој главно неточно.

Во пабовите, 18-годишнините за првпат го учеа нарачувањето пијалак, главно лагер, на шанк. Зашто во паузите од „локдаунзите“, во пабовите се нарачуваше кај келнери, на маса, како Европејците, како што се коментираше главно со негодување и со потсмев. И сега се учи. Значи се приоѓа, со двете раце се „впливува“ во толпата, со рамото се пробива, се става една рака и лакот на пултот и се лепиш телото до шанкот. Потоа се  креваш другата рака и се бара погледот на шанкерот/шанкерката. Со силен и самоуверен глас, кој треба да доминира над другите нарачатели, се нарачува.

Селективен карантин

Ама слобода. Каква таква. Засега, никој на вратата не бара потврда за вакцина, само платен билет и нормална температура. Само 13 проценти од анкетираните на ЈуГов рекле дека би отишле во клуб. На улиците сѐ уште има луѓе со маски, но во затворени простории речиси сите влегуваат со маски и покрај тоа што не е задолжително. Луѓето се внимателни. Од август ќе има уште, нови олеснувања на мерките, во смисла, оние со две вакцини да не мора да бидат во карантин, ако се најдат во контакт со некој што ќе се покаже како ковид-позитивен. Во меѓувреме, сепак мора.

Во карантин 10 дена ако сте биле во контакт со ковид-позитивен. Како што беа премиерот Борис Џонсон и канцеларот Риши Сунак. И во рамките на традицијата на Ториевците, „прави што ти велам да правиш, јас ќе си правам како сакам“, решија дека тие не морале во карантин, измислија дека ќе испитуваат  некој нов систем, со дневно тестирање. Добро, бе, а ние што сме, што почитуваме правила, викна цела нација, па овие експресно ја подвиткаа опашката и отидоа дома да отседат карантин.

Парламентарен правилник за забранети зборови

На пратеничката Дон Батлер од лабуристите и беше доста од системите на премиерот, па во парламентот изјави дека Борис Џонсон постојано лаже. Ги лаже и пратениците и целата земја рече таа. Господинот Џонсон навистина има промискуитетен однос со невистинити изјави, со објективната вистина, и ова го признаваат многумина од неговите пријатели и поддржувачи. За некои (кои јас не ги знам) тоа е дури дел од неговата привлечност – да игнорира што рекол претходно и да тера понатаму.

Ама во парламентот еден парламентарец не може да му каже на друг дека лаже или да го нарече лажго. Дон, по кажаното, беше отстранета од парламентот од спикерот, откако одби да го повлече кажаното и да се извини. Таму можеби има разни, сигурно некои се и лажговци, ама има и традиција и правила и парламентарен правилник. Па, така, забрането е некому да му се каже нечесник, свиња, стаорец, страшливец, „ git“ (гит – некој, посебно маж кој е глупав или непријатен), „pipsqueak“ (пипсквик – малечка неважна, безначајна личност), хулиган, предавник, хипокрит, брадавица, шпион, „gutter snipe“ (гатерснајп – личност со  најнизок морален и економски статус), тешко магаре, корумпиран, курва, швалер, лигав, самобендисано џуџе… Некои, како ова последното со џуџето, беше ставено како забрането во парламентарниот правилник откако министерот за здравство во 2010 така го нарече Џон Берков, и покрај тоа што имаше општа согласност во Куќата за карактерните особини на парламентарниот спикер.

Имаат Англичаните сто и еден начин да кажат што мислат да кажат. И сто и два да не кажат што мислат да кажат. И сто и три сето тоа да го направат завиткано во компликувани кованици кои ќе станат дел од традицијата. Како она на Винстон Черчил, кога во 1906 година ја употреби фразата „terminological inexactitude“. Не е лага, суштински точно е  ама терминолошки непрецизно. Черчил го употреби во одговор на прашањето дали владата  го одобрувала ропството на кинеските работници во британската колонија Трансвал. Па оттогаш се користи како еуфемизам за лага во пратеничкиот дом, зашто да се обвини некој парламентарец дека лаже, се смета за – непарламентарно. Компликувано? Точно така.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Видео на денот