Сликовницата „Невидливата куќа“ има приказна со современа тематика

Првиот соавторски проект на Билјана С. Црвенковска и Ване Костуранов својата промоција ја имаше на 6 септември, во паркот пред КИЦ-Скопје.

Со наслов „Невидливата куќа“, во сликовницата е раскажана приказна за тоа како имагинацијата помага во справувањето со тагата и загубата, и е меѓу ретките современи книги за деца и млади во Македонија, која се занимава со приказните на бегалците од источните земји.

Во својата рецензија на книгата промоторката Лени Фрчкоска, меѓу другото, посочи: „Станува збор за комплексно, а едноставно срочено, современо четиво за деца меѓу пет и девет години. Приказната е за малата Кала, која со своето семејство бега од војна, веројатно некаде на Блискиот Исток. Исплашена од постојаното талкање, разделбите и тешките последни прегратки, смртта и стравот, изгубена во реките луѓе кои бегаат, наоѓа спас во ’невидливата куќа‘. Текстот на приказната во сликовницата укажува дека авторите ја сфатиле одговорноста на писателот пред интелигенцијата и капацитетот на детето да сфати комплексни современи прашања, а има почит и кон политичноста на детето и за круцијалната важност на квалитетното образование“, напиша Фрчкоска.

Билјана С. Црвенковска е писателка, сценаристка, преведувачка, сонувачка (или мечтателка, како милувате), вљубеничка во природата, планините, животните и облаците, и – вечно дете.

Ване Костуранов е човек што поголемиот дел од животот го поминува измислувајќи нешто. Понекогаш тоа се нови слики, а понекогаш измислува и црта сликовници за деца. Толку е заигран во овој свет, што веќе нацрта три авторски сликовници („Ѕвездено дете“ 2018, „Девојче и мече“ 2019 и „Девојчето и градот“ 2020).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот