Сликовницата „Невидливата куќа“ е објавена на германски јазик

Сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Ване Костуранов деновиве е објавена на германски јазик, во издание на „Драгонфлај ферлаг“, дел од групацијата „Харпер Колинс“.

Првпат објавена од страна на ИД-Концепт консалтинг и дизајн (Издаваштво „Чудна шума“) од Скопје, сликовницата е наменета за децата, но и за возрасните. Нејзината исклучително важна и актуелна тема – миграцијата и животот на децата што остануваат без своите домови, особено изразена со војната во Украина, нејзината емотивна и поетична приказна и исклучителните илустрации на Костуранов, ги препознаа повеќе издавачи во Европа.

Сликовницата наскоро треба да биде објавена и во Словенија, во издание на „Содобност интернешнал“, и во Хрватска, во издание на „Ибис графика“.

Во пресрет на германското издание на „Невидливата куќа“, германската писателка за деца и млади Изабел Абеди напиша: „Постојат книги што содржат многу повеќе од приказна. Ова е една од нив. Таа го покажува она што е неуништливо, она што не може да биде изгубено сѐ додека постоиме“.

„Невидливата куќа“ ја освои првата награда за најдобра книга за деца и млади меѓу два саема на книга во 2021 година – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 139, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 јули – 2 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот