Сликички од галеријата на мракот

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Опозицијата има легитимно право да ја лови секоја грешка на власта и да ја критикува. Тоа е смислата на опозицијата во една демократија. Не е никаков проблем опозицијата понекогаш, ако не и секогаш, да претерува со критиките, од мравка да прави слон и да се служи со политичко-медиумски трикови. И тоа е дел од демократијата. Се разбира, кога претеруваат, треба да се носат и со ризикот да не бидат сфатени сериозно тогаш кога навистина има слон во продавницата за кристал, па сѐ да им се врати како бумеранг. Особено ако самите се виновни за тоа што го критикуваат. Знаете на што мислам, нели?

Освен тоа што е легитимно да се бори за власт и да користи сѐ што подразбира политичкиот натпревар, опозицијата е, како и сите други фактори, своевиден чувар на добрите практики и владеењето на правото, а особено на стратешките интереси на државата. Се разбира, ако се нормални.

Заклучоците се наметнуваат самите по себе, откако ќе се спореди тоа што се тврди во овие редови со било кое соопштение или јавен настап на вемерето. Да споменеме само неколку погубни „политички проекти“ на вемерето од мигот кога стана јасно дека нивниот режим се распаѓа како кула од карти…
„Ноќта на долгите ножеви“ пред Државната изборна комисија во 2016-та… Транспарентите со крстови и умреници за амбасадорите и за нивните колеги во парламентот… „Тиранска платформа“… „Стоп операција Сорос“ (само што „воскресна“ повторно)… Стотици поворки, составени од малку луѓе и клупи откорнати од „Паркот на жената“… Теророт и обидите за атентат врз пратеници и политички лидери на „27 април“ 2017… Офанзивата против Преспанскиот договор… Офанзивата против договорот за пријателство со Бугарија… Да набројувам ли уште? Листата е долга. Еве уште само неколку сликички од галеријата на гротеската, криминалот и насилието…

Екстремен национализам… Силна и богато платена црна кампања со лажни вести, дезинформации и говор на омраза… Лобирање кај меѓународните фактори за блокирање на ЕУ и НАТО интеграциите… Блокирање на реформите во правосудството (Закон за јавно обвинителство)… Спасување на Трајко Велјановски (извршител: ДУИ)… Отворена поддршка на напаѓачите на Собранието… Отворена поддршка на омразата… Блокирање на покачувањето на минималната плата… Блокирање на сите правосудни реформи со кои ја осуетуваат правдата и им застаруваат предметите…

За антимакедонската битка што ја водат и да не говориме. Еве уште неколку сликички…

Блиска соработка со структури и центри на моќта што ја доведуваат земјата во опасност каква што може и не може да замисли просечниот консумент на политичкиот измет од вемерето… Барање предвремени избори, па бегање од нив… Инфилтрација и инструментализација (читај: тешка злоупотреба и корупција) на граѓанското општество, синдикатите, медиумите, образованието, институциите, безбедносните структури… Бел штрајк… Бескрајна, плачлива и мрачна тирада што невешто се обидува да го затскрие криминалното наследство кое и денеска го практикуваат до максимум. Листата може да се продолжи со уште најмалку десетпати по толку и пак да не се заврши.

Тоа е жестока агенда, нема што! Една стотинка од трудот и парите што ги вложија во деструкција, да беа насочени за благосостојба на земјата, ќе бевме Германија. Со две стотинки ќе ја поминевме…

Тука ќе застанам, бидејќи морам да останам во добро расположение, бидејќи овој „рафал“ го пишувам на 14 ноември, мојот роденден…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот