Слики од Ниче Василев ќе бидат изложени во галеријата „Ел Греко“

Изложбата со слики од Ниче Василев во галеријата „Ел Греко“ ќе биде отворена на 27 октомври 2021 година (среда), во 19 часот. Ниче Василев е роден во с. Дабиље, Струмичко. Академија за ликовна уметност завршил во Варшава, 1978, во класата на проф. Лудвиг Мачионг.

Во 1971/72 година студирал на Факултетот за применети уметности при Националната академија во Софија, Бугарија. Член е на ДЛУМ од 1980 г. Живее и работи во Струмица, Македонија.

Ниче Василев реализирал над 30 самостојни изложби во Македонија и странство, меѓу кои во Скопје, Струмица, Битола, Штип, Гевгелија, Варшава, Атина, Софија, Анкара, Цирих, Мадрид, Белград и др. Учествувал на повеќе групни изложби и колонии во Македонија, Бугарија, Србија, Полска, Грција, Франција и Словенија.

– Ниче Василев е плоден уметник со голема креативна способност создавајќи лавиринт од уметнички дела низ чија патека само тој може да чекори. Тој, пред сѐ, ја претставува човечката присутност во ентериери во кои живеат женските фигури, актови, анонимни Модиљановски издолжени ликови. Творците се слични во својата различност, хронолошки оддалечени, но ликовно споени во наративната структура ,елегантност и лонгитудинална телесна морфологија. И двајцата сликари ја исцртуваат енигмата за човечкото постоење.

Тој е мајстор и на пејзажот создавајќи ја синтезата помеѓу земјата и небото. И цртежите играат важна улога во неговото творештво. Тие не се само подготовка за слики, ниту скици, туку естетска дисциплина издигнатата на уметничко ниво. И како што Иво Андриќ одговорил: „Не е важно во која периферија од светот е создадено делото, не е помалку вредно од делата создадени во големите метрополи, туку таму каде што создава уметникот, таму е центарот на светот – напиша Виолета Атанасова во каталогот за изложбата.

Основана во 1993 година, галеријата „Ел Греко“ е една од првите професионални галерии во Скопје која игра важна улога во промовирање на македонската современа уметност. Во изложбено-продажниот простор на галеријата се наоѓаат дела од повеќе генерации сликари, почнувајќи од основоположниците на македонската современа уметност (Никола Мартиноски, Петар Мазев, Иван Велков, Димитар Кондовски…), средната генерација (Свето Манев, Нове Франговски, Владимир Георгиевски, Ана Темкова…) и помлади генерации уметници (Констанин Качев, Милан Андов, Татјана Манева…).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот