Сликарот Александар В. Настески бележи 50 години ликовно творештво

Со изложба во Уметничката галерија во Тетово, која ќе биде отворена на 20 октомври, во 18 часот, сликарот Александар В. Настески ќе одбележи 50 години ликовно творештво.

Академскиот сликар Александар В. Настески е роден во 1948 година во с. Зубовце, Гостиварско. Педагошка академија завршил во Скопје во 1968 година, а Академија за применета уметност завршил во Белград (Србија) во 1977 година. Од 1977 година е член на ДЛУМ, а член е и на Здружението на ликовни уметници на Тетово. Досега реализирал 33 самостојни изложби во земјава и странство. Меѓународни изложби во странство имал во Париз и Кањ сир Мер во Франција и во Капо ди Понте во Италија.

Учествувал и на Меѓународниот симпозиум за карпеста уметност „Валкамоника“ во Капо ди Понте во Италија во 2011 година со свој труд и своја изложба, а во 2013-та со свој труд, додека во 2018 година бил учесник на Конгресот на ИФРАО (Интернационална федерација за карпеста уметност) со свој труд. Својата прва изложба ја имал во Уметничката галерија во Тетово, каде што повторно ќе изложува во чест на творечкиот јубилеј.

Важно ми беше да сликам, годините да ги исполнам со творештво

– Мојата прва самостојна изложба ја имав во оваа галерија во далечната 1971 година, две години по завршувањето на Педагошката академија во Скопје и со парите од тие слики заминав во Париз да го видам центарот на светската уметност и нешто да научам. Потоа потрошив уште пет години на Академијата во Белград уште малку да доучам. А потоа се редеа изложбите во земјава и во странство, но се редеа и годините, и така лека-полека стигнав до мојот јубилеј 50 години ликовно творештво, и пак со изложба во Уметничката галерија во Тетово! Важно ми беше да сликам, годините да ги исполнам со творештво, а во тоа најмногу ми помогнаа моите сограѓани, за што сум им многу благодарен – истакнува Александар В. Настески.

Својот прв опус тој му го посветил на градот Тетово, сликајќи ги неговите питорескни улици, маалата Два бреста и Колтук, тетовските свадби и капии, како и пејзажи од величествената Шара. Вториот циклус го почнал со минијатури, кои всушност биле слики од мал формат со теми од митологијата, историјата и еротиката, што подоцна прераснале во големи формати со кои учествувал на две изложби во Париз и во Кањ сир Мер во Франција. Потоа почнал да создава слики со ангажирана примеса и со историски, културолошки и психолошки содржини, со експресивно обликувани ликови и форми и со голема динамичност во композицијата.

Голем дел од сликите на Александар В. Настески се со историски, културолошки и психолошки содржини, со експресивно обликувани ликови и форми и со голема динамичност во композицијата

– Тие слики го прикажуваат нашиов суров, неправеден и тегобен свет, крикот на Природата, Човекот и Животот исполнет со војни, болести, пандемии, глад, сиромаштија, уништувања, загадувања на Земјава, но и со моето непомирување со таквата стварност. Негде околу 2016 година се запознав со античките митови за постанокот на светот, како и со античкото македонско сликарство од кралските гробници во Пела и Кутлеш, коешто ми остави длабок впечаток и стана моја инспирација во моите најнови слики – циклус кој го нареков „Македонија – Ера на кладенките – Менадите“. Во исто време ги пронајдов и неверојатните праисториски гравири со една голема Ѕвезда и поголем број помали ѕвезди околу неа – вистинско ѕвездено небо, а лево и десно по една купула, како симболи за Сонцето и Месечината. Овие гравири ни кажуваат дека нашите предци од праисторијата биле загледани во небото и со стравопочит го следеле тој непрекинат деноноќен спектакл и се обраќале кон небото со надеж дека секогаш ќе бидат тука Ѕвездите, Сонцето и Месечината од кои добивале светлина и топлина, неопходни за нивниот опстанок – открива Настески.

Неговите слики се обид на свој начин да ја претстави неверојатната, несфатливата епска моќ на Вселената и на Природата во нејзиното создавање, катаклизмичко самоуништување и пресоздавање, кои за човечкиот ум, веројатно, ни приближно не е поимливо, но е сеприсутно во целата позната и, за нас, непозната Вселена.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Видео на денот