Слем-поети ќе го промовираат својот Зборник на повеќе локации во центарот на Скопје

„Поетри слем Македонија“ на 30 август, со почеток во 19 часот, ќе го промовира Зборникот на националниот слем од 2020 година. Настанот ќе се одржи под покровителство на Град Скопје и во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.

На промоцијата ќе присуствуваат застапените автор(к)и кои земаа учество на Десеттиот јубилеен национален слем-натпревар, што се одржа на 10 октомври минатата година на летната сцена на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Настанот ќе биде јавен, под отворено небо и добредојдени се сите намерни и случајни минувач(к)и. Публиката, односно минувач(к)ите заедно со слемер(к)ите ќе се движи од пред Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје до Старата чаршија, каде на неколку попатни локации слемер(к)те ќе ја изведуваат својата поезја: Плоштадот, Камениот мост, Чаршијата и др.

На промоција на Зборникот ќе настапат Елена Пренџова, Перо Сарџоски, Марија Грубор, Цветанка Колева, Ирена Јурчева, Константин Карев, Марина Икономова Шокева, Горазд Китановски – Кени и Ива Дамјановски.

Од „Поетри слем Македонија“, исто така, известија дека како стипендист(к)и на европската програма за мобилност на творци во уметноста „и-Портунус“ (i-Portunus), преведувач(к)ите од македонски јазик Намита Субиото од Словенија и Давиде Фанчуло од Италија тековно остваруваат резиденцијален престој во Скопје.

Како дел од нивните програмски задачи и активности се препев на слем-поезијата на слем-изведувач(к)ите Елена Пренџова и Игор Трпчески – Трпче. Целта на нивниот престој е да ги премостат т.н. „спорни точки на преводот“ при препејувањето слем-поезија, процес кој поради природата на слем-поезијата не го инкорпорира само чинот на преводот, туку и обмислата дека, при преводот, потребно е да се задржи динамиката на изведувањето што е условена од јазикот и структурата на песната.

Намита Субиото е докторка на науки по македонистика и предава македонски јазик и книжевност на универзитетот во Љубљана, Словенија. Преведува од и на македонски и словенечки јазик, а меѓу македонските автор(к)и што ги превела се: Венко Андоновски, Јасна Котеска, Александар Прокопиев, Влада Урошевиќ и др.

Давиде Фанчуло е доктор по историја на лингвистиката. Живее во Софија, каде предава превод на Софискиот универзитет. Преведува од бугарски и македонски на италијански јазик, а пред две години ја преведе збирка раскази „Секој со своето езеро“ од Ненад Јолдески, добитникот на Наградата за литература на Европската унија во 2016 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот