Следуваат врнежи од снег и значително пониски температури

Снег/ Фото: ЕПА

Обилните врнежи од дожд предизвикаа зголемување на водостојот на реките, а наместа тие се излеаја од своите корита. Поради одрони, во прекин беше и сообраќајот на одредени патни правци. Синоптичарите за денеска попладне и за утре најавуваат нови врнежи, проследени со ветер и пад на температурите.

Поради продор на студена воздушна маса од север, се очекуваат локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег и повеќе ќе бидат позастапени во западните делови каде тенка снежна покривка ќе има и на пониските места. Врнежите ќе завршат ноќта кон петок, кога ќе следува период со значително ниски температури. В петок и за време на викендот ќе биде суво и многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата. Најстудено ќе биде наутро за време на викендот кога температурата во Малешевијата и во Пелагонија ќе се спушти и до -12 Целзиусови степени.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) вчера информираше дека се очекува сите водотеци да бидат натпросечни за овој период од годината, но со појавата на минусните температури од четврток, нивоата брзо да опаѓаат. Поради можните излевања на некои реки и дел на нивните притоки, препораката е граѓаните внимателно да се движат покрај водотеците, суводолниците и клисурите.

Излевањето на дел од реките беше причина за поплавување на обработливо земјоделско земјиште, а во некои села беа поплавени куќи и помошни простории.

Во општина Јегуновце беа поплавени три куќи во селото Раотинце, како и земјоделско земјиште во Туденце, Сиричино, Јегуновце и Раотинце.

Во Велес, каде исто така тече Вардар, засега ситуацијата е под контрола. Има мали излевања кај дел од шеталиштето на Кејот и во близина на кафеаната кај „Ингилизот” во Градскиот парк и на мал дел од бавчите во Речани, но без поголеми штети. Кризниот штаб, како што изјави градоначалникот Аце Коцевски, ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со УХРМ и другите надлежни институции со цел да се реагира навреме и да не се дозволи излевање.

Во кумановско и Старо Нагоричане вчера нивоата на Пчиња и Крива Река се уште беа на високо ниво. По течението на Пчиња поплавено е земјоделско земјиште, седум-осум викенд куќички, три-четири индивидуални куќи за живеење и претежно помошни објекти како штали. Во Старо Нагоричане, Пчиња е излеана кај Меморијалниот Центар АСНОМ до мостот Коинце во должина од седум километри.

Обилните врнежи беа причина и за прекин на сообраќајот на одредени патни правци и пренасочување на возилата по алтернативни патишта. Според информацијата на „Македонија пат”, сообраќајот на патот Кочани-Македонска Каменица, на делницата од Истибања до браната Калиманци, кај м.в. Ајдучки Камен, се уште целосно во прекин. Лесните патнички возила се пренасочуваат преку регионалниот патен правец Кочани – Виница – Бигла – Делчево, а тешките товарни возила и автобусите преку регионалниот патен правец Кочани – Виница – Берово – Делчево.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелираа возачите да бидат внимателни и да ја прилагодуваат брзината кон зимските услови на патот поради појава на голомразица и влажни и лизгави коловози особено во раните утрински или доцните вечерни часови. Оттаму потсетуваат и на задолжителната обврска за зимска опрема на возилата.

– Оние возачи кои се уште не обезбедиле зимска опрема (синџири за снег или зимски гуми), потребно е веднаш да го сторат тоа, бидејки покрај санкциите предвидени со ЗБСП и можноста полицискиот службеник да ги отстрани од сообраќај, со не обезбедувањето на зимската опрема ја загрозуваат сопствената безбедност, но и безбедноста на сите други учесници во сообраќајот, посочија од РСБСП.

Поради најавените нови врнежи и ниски температури, вчера со препорака излезе и Агенцијата за храна и ветеринарство. На својата интернет страна, АХВ објави препораки во кои меѓу другото се апелира до фармерите навреме да обезбедат доволни количини храна и вода за животните и соодветно засолниште. Доколку не постои можност веднаш да се засолнат животните, привремено да се користат ќебиња или друг вид прекривки за нив но, притоа прекривките секогаш да бидат суви.

– Здравствената состојба на животните во вакви услови треба почесто од вообичаено да се следи, односно животните треба почесто да се посетуваат и набљудуваат. Молзните животни треба да се измолзуваат редовно, во вообичаените интервали. Кругот во одгледувалиштето и пристапните патишта треба редовно да се чистат од снег или мраз. Одгледувачите на животни треба да се во комуникација со нивниот ветеринар, за дополнителен совет или доколку се потребни интервенции, се вели во препораките на АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот