Следно е Албанија да стане кочничар на македонската евроинтеграција

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Се плашам само спорот со Бугарија да не испадне да се решава во децениски интервал, па во меѓувреме и Албанија да стане полноправна членка на Унијата и тогаш оваа земја, довчерашен сопатник и споделувач на уморот предизвикан од „најдолгиот пат“, да стане нов кочничар на нашите евроинтеграции. Причини за тоа ќе се најдат колку сакаш, па нели сме соседи?

Чудни се патиштата божји, но чудни се и постапките еврокомесарски. Знам дека по три децении поминати во „ходникот“ на Европската Унија, не треба да ме изненади ниту една изјава на емисар, претставник, висок претставник, специјален претставник, амбасадор, олеснувач или како во случајот еврокомесар за проширување на ЕУ. Но, Оливер Вархељ соопшти дека во Брисел размислува Албанија и Македонија, кои до неодамна речиси „херметички“ беа сплотени во чекорењето кон евроинтеграциите, сега да се „одлепат“ во преговарачкиот пакет, за нашиот спор со Бугарија да не влијае врз албанското приближување кон Брисел.

Повторно велам дека не треба да се изненадувам, ниту да се разочарувам, бидејќи нашиот евроентузијазам е „карт бланш“ и сам по себе се подразбира, но не можам да не искоментирам дека пред две години, или нешто повеќе, Македонија не доби датум за преговори бидејќи Албанија не ги исполни очекувањата на Европската комисија. Тогаш не дојде до „одлепување“ на Македонија и Албанија, а францускиот претседател Емануел Макрон дури даде и изјава со која истакна дека етничките Албанци во земјава би можеле да предизвикаат немири, доколку на патот кон Европа двете држави не патуваат со еднаков чекор, затоа мора двете да се држат заедно. Но, веројатно некој на Елисејските полиња таму пресметал дека опасност по мирот во Македонија има само доколку земјава напредува, а Албанија стои, додека во обратниот случај сѐ е во ред и Макрон може мирно да спие.

Не сакам да бидам лошо разбран дека ја обвинувам Албанија во случајот. Не, напротив. Земјата конечно има шанса да го добие датумот и мора да ни се заблагодари за дружбата и да го продолжи патот. Како кога двајца патници во воз, по 10 часа си пружаат рака, бидејќи едниот се симнува во Белград, а другиот го чекаат уште најмалку толку ако не и повеќе часови „клацкање“ до Минхен.

Во случајов никој не може да ѝ се налути ниту на ЕУ ниту на ЕК, а сигурно не и на гласникот на лоши вести, еврокомесарот Вархељ. Правилата за придружување кон „европското семејство на народи“ се такви што ние и немаме премногу шанси. Потребен е консензус на земјите членки, а ние сме со таква среќа да имаме две соседни земји што веќе се полноправни членки и кои на нашиот пат кон Европа се решени да нѐ „дисциплинираат“ онака до коска. Прво со Грција имавме нерешен спор околу името на државата, кој откако беше решен по повеќедецениски преговори, од Бугарија ни пристигна „факс“ дека тие имаат проблем со нашата историјата, со спомениците, спомен-плочите, јазикот и уште нешто, но тешко е сè да се запомни.

Иако се надевавме дека овие проблеми со источниот сосед брзо ќе се решат, сепак редоследот на настаните тоа не го дозволува. Уште денес нашата влада, хипотетички, да сака да ги прифати сите барања на другата страна, сосе точка и запирка, Гоце Делчев и „Зборникот“ на браќата Миладиновци, во Софија нема надлежен тоа да го прифати за потоа да испрати порака до Брисел дека проблемот е решен.

Бугарија по неодлучните парламентарни избори ја очекуваат нови, па прашање е кога таму ќе се формира влада, која ќе најде сили да му се посвети на спорот со Македонија. Песимистите велат дека ќе помине многу време.

Се плашам само спорот со Бугарија да не испадне да се решава во децениски интервал, па во меѓувреме и Албанија да стане полноправна членка на Унијата и тогаш оваа земја, довчерашен сопатник и споделувач на уморот предизвикан од „најдолгиот пат“, да стане нов кочничар на нашите евроинтеграции. Причини за тоа ќе се најдат колку сакаш, па нели сме соседи?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот