Следната недела рочиште за Јалдз Веапоска: Ако не дојдат лекарите во судница, ќе ги донесат со полиција

Оштетената пациентка Јалдз Веапоска/Фото: Слободен печат

Јавното обвинителство Струга уште лани во мај поднесе обвинителен предлог против екс директорот на струшката болница и гинеколог доктор Мухамед Асани, син му Блертон Асани и уште една лекарка гинеколог од истата болница, затоа што родилката од Дебар Јалдз Веапоска при породувањето ја оставиле без матка, бубрег и јајник. Меѓутоа, во судница на рочиштата ниту еднаш не се појавиле прво и второобвинетите, па тие досега двапати се одложија.

Обвинителниот предлог е за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

Според ОЈО, првообвинетиот како лекар специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како гинеколог акушер вработени во струшката болница, при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

Веапоска била примена во болницата на 27 август 2020 година за да се породи во 40 недела од бременоста. Ја примил доктор Мухамед Асани, кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал и синот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија, напиша обвинителството во јавното соопштение.

Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок.

Во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената.

Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.

На 24 јануари во 10 часот во струшкиот суд закажано е третото рочиште за овој случај.

Веапоска за „Слободен печат“ вели дека очекува третото рочиште да започне во присуство на првообвинетиот и второобвинетиот кои досега не се појавувале во судница.

– Сега-засега сум задоволна од тоа што е покренато обвинение и очекувам правда да има понатаму и да се казнат за стореното дело. Откако падна обвинение немам од нив никаков пристап. Досега се одложуваа рочиштата поради неприсуство на прво и второобвинетиот. Докторката дојде на третото рочиште ама и тоа се одложи. И судијата кажа наредниот пат да се повикаат сите обвинети и ако не бидат присутни ќе бидат присилно донесени со полиција, вели Веапоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот