Следење на епидемијата со Ковид-19 во отпадните фекални води

Националната мрежа на Обепин и пожарникарите во Марсеј ги следат трагите на коронавирусот во отпадните-фекални води. Ова со цел да се спречи повторното обновување на епидемијата, откако различни студии спроведени минатата пролет потврдуваат дека околу половина од пациентите со Ковид-19 го излачуваат вирусот во столицата, јави дописникот на МИА.

Следењето на коронавирусот во канализацијата за отпадни фекални води може да изгледа како необична идеја. Но ова се обидува да го реализира Епидемиолошката опсерваторија за отпадни води (Обепин). Откако зеле отпадна вода од влезот во пречистителните станици, истражувачите извршиле RT-PCR тест, сличен на оној што се користи за луѓето, за да се открие бројот на копии на вирусот во литар вода.

-Од почетокот на следењето во март во Ил-де-Франс, извршивме 300 анализи за реконструкција на епидемиолошката крива. Графиконот јасно го покажува врвот на првиот бран, потоа ненадејниот пад со карантинот и повторното појавување на вирусот од крајот на јули во отпадните води, опишува Лоран Мулан, истражувач во Париската лабораторија за вода.

Појавувањето на вирусот во јули во отпадните води е далеку пред да вториот бран ги преплави здравствените установи. И тоа е поентата на системот, кој треба да биде целосно оперативен до крајот на годината.

Различни студии спроведени минатата пролет потврдуваат дека околу половина од пациентите со Ковид-19 го излачуваат вирусот во столицата. Бидејќи тој е присутен во организмот најмалку 48 часа пред појавата на какви било симптоми, мрежата треба да овозможи да се открие оздравувањето неколку дена однапред. Во моментот, од 150 „реперни” пречистителни станици идентификувани од Обепин, 82 се согласија да учествуваат, главно на Северот, Ил-де-Франс и Истокот на Франција.

-На крајот на краиштата, сакаме да можеме да ги поврземе концентрацијата на вирусниот геном и бројот на заразени, за да можеме шематски да кажеме:Има толку многу вирусни честички и ова одговара на толку многу болни. Но, за да се случи тоа, прво треба да ги рафинираме податоците за количината на вирус што ја испуштаат луѓето, без разлика дали се симптоматски или не, објаснува Винсент Марехал, професор по вирологија на Сорбона и член на мрежата Обепин.

Исто така, ќе мора да се земат во предвид цела низа надворешни фактори, како што е дождот, што може да ги разреди отпадните води.

-Ова е силен предизвик за математичко моделирање. Да не спомнувам дека мрежите за отпадни води не влијаат само на домовите, туку и на деловните субјекти, фабрики, болници итн. Затоа е потребно да се карактеризира секоја станица, признава Ивон Мадеј, професор по применета математика на универзитетот Пјер и Мари Кири и учесник во проектот. “

За понатамошно управување со мрежата, Обепин размислува за пасивни сензори, еден вид најлонска мембрана што би била фиксирана во канализационите цевки, низводно од станиците за прочистување. Нивните анализи ќе овозможат следење на епидемијата на пофини географски размери, особено во метрополите каде станиците опфаќаат десетици илјади домаќинства.

На пример, во Марсеј, пожарникарите собираат и тестираат отпадни води од домовите за стари лица, со помош на почетната C4Diagnostics. Кога установата излезе позитивна, кампањата на тестирање меѓу жителите и персоналот може многу побрзо да ги изолира болните и да спречи ширење на епидемијата.

-До 34 старечки домови беа позитивни, но немаше кластери и 19 се вратија во нормала. Со оваа стратегија имаме еден или два случаи, но не за 50 вели Јунес Лазрак, претседател на претпријатието што ги анализира примероците.

Покрај коронавирусот, овој систем за откривање на отпадни води може да се користи и за други болести, како што е гастроентеритис, се надеваат истражувачите. Во Израел, надзорот за отпадни води предупреди на повторното оживување на детската парализа во 2013 година, иако полиовирусот не беше забележан таму од 2002 година, што предизвика итна кампања за вакцинација.

Француските научници исто така повикуваат на создавање на „архива” на отпадни води, што ќе овозможи да се прават споредби со текот на времето. Во Италија, Вишиот здравствен институт можеше да докаже дека коронавирусот циркулира во земјата од декември 2019 година, со анализа на примероците датирани од октомври 2019 година

Извор:МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот