Славчо Апостолов ја доби битката: Се чувствувам лесен како пердув и не ми се верува дека одам нормално

Приказната на борбата со килограмите и со елефантијазата, на триесет и деветгодишниот Славчо Апостолов од Скопје доби среќен крај.

Триесет и осумгодишниот скопјанец кој ослабе 120 килограми по што се соочи со проблемот на големи израстоци на глуждовите нозете, доби хируршки третман на Клиниката за пластична хирургија во Скопје.

Апостолов за „Слободен печат“ вели дека по операцијата на двете нозе се чувствува пресреќен, но и малку шокиран, затоа што вообичаените израстоци на нозете кои му го отежнуваа движењето и му предизвикуваа постојана болка дури и при најмал напор – веќе ги нема.

– Се движам како да лебдам, се чувствувам како пердувче и не можам да поверувам дека ги немам „топките“ на нозете. Радосен сум премногу. Многу сум полесен, како да лебдам. Операцијата беше одлична, за тимот немам зборови. Уште сум во болница, но се чувствувам како дома, затоа што ми пружаат невидено внимание и нега, иако обемот на работа им е преголем. После операцијата ќе одам на рехабилитација. Ми доаѓа да скокнам, или да трчам, ама не смеам и морам да правам бебешки чекори. Отсекогаш ги имав „топките“ на нозете и беа многу поголеми. Во шок сум што можам да чекорам нормално, изјави Апостолов за „Слободен печат“.

Во текот на хируршкиот зафат, извадени биле 10 килограми од нозете и пациентот е во добра општа здравствена состојба. Двете нозе му се оперирани и комплетно завршени. Според правилата, не смее да се отстранат повеќе од 10 килограми маса во еден акт, за да не му се направи шок на организмот и за метаболизмот да се навикне на новата состојба.

Апостолов претходно преку „Слободен печат“ побара помош да му се изврши операција на нозете, откако ослабел 120 килограми со хируршка интервенција изведена во Турција.

Цел живот се борам, не само со дебелината, туку и со луѓето околу мене. Заради дебелината од секогаш сум бил омаловажуван, навредуван, напаѓан и ми имаат вршено мобинг на работа. Поради сето тоа, повторно се затварав во себе и утеха наоѓав во храната! Но, пред година и половина решив јавно да се отворам и да се борам против сите лоши навики, да кажам дека дебелината е болест, не само за мене туку и за сите други. Сакав да охрабрам и други да се борат против дебелината. Бидејќи кога човек е обезен, сите болести ги влече со него, висок крвен притисок, дијабетес, холестерол, срцеви заболувања, депресија која доведува дури и до смрт. Сакам да помогнам на сите. Сопругата и само мал број на луѓе ми помогнале и цел живот ќе ги паметам, ни рече Апостолов.

Но, откако ја добил борбата со вишокот килограми, се исправил пред нов предизвик и нова дијагноза – елефантијаза. Секој ден се мачел да работи, да пешачи и да не ги врати килограмите, меѓутоа ова му било отежнато зашто нозете му биле отечени, полни со течност и не можел да облече фармерки или патики.

-Болките ми беа интензивни. Не можев да одам без болки, како некој со нож да ме сечеше. Многу беше лошо што долу не можев да облечам нормални панталони, ни фармерки, рече Апостолов.

Од 221 килограм тој сега има помалку од 100 килограми и елефантијазата му е санирана. Апостолов беше решен да се оперира во Турција, но се откажа од таа идеја и реши да се оперира на Клиниката за пластична хирургија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот