Слаба заинтересираност за бесплатната правна помош

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Вкупно 2 689 лица добиле примарна и 136 секуднарна правна помош во текот на 2020 година, a за тоа се потрошени само околу третина од предвидените средства за помош на помалку имотните граѓани при остварување на своите права, согласно Законот за бесплатна правна помош.

Граѓаните како што објави МИА во првиот дел од темата најмногу барале бесплатна правна помош за правни постапки за развод на брак, имотно правни работи, алиментација, надомест на штета, заштита на деца и малолетници, покажуваат податоците од Министерството за правда.

Додека 66 проценти од барањата за секундарна правна помош кои стигнале до Министерството за правда се одобрени, од искуството на невладините организации кои нудат помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош, има случаи кога граѓани имаат реална потреба од правна помош, но не исполнувале некој од рестриктивни критериуми за да може воопшто да поднесат барање за добивање на бесплатна правна помош – БПП.

За поголема искористенот на предвидените средства за БПП според Министерството за правда е потребно поголемо информирање на јавноста. За ова се согласни и невладините организации кои работата на ова поле, според кои најчесто граѓаните не се запознаени со условите кои треба да ги исполнат за да добијат секундарна правна помош, ниту пак знаат дека таква им следува.

Одобрени 63 проценти од барањата за секундарна правна помош

Од Министерството за правда за МИА информираат дека вкупно поднесени барања за секундарна правна помош во 2020 година има 215, од кои одобрени се 63 проценти или 136 барања. Поради неисполнети услови, одбиени се 26 проценти или вкупно 56 барања за секундарна правна помош во 2020 година, додека 17 барања или осум проценти од вкупниот број поднесени барања биле прекинати. Останатите шест барања или три проценти се уште се во тек.

Од Министерството за правда информираат дека вкупен буџет кој е предвиден за бесплатна правна помош изнесува 5.000.000 денари, додека за 2020 година се потрошени 1.601.176 денари, што е само 32 проценти од средствата предвидени за Бесплатна правна помош.

Во однос на малата искористенот на предвидените средства и на што се должи тоа, од Министерството за правда велат дека е потребно поголемо информирање на јавноста.

– Како и во изминатиот период, така и во иднина се потребни зголемени активности за информирање на јавноста за можноста да се искористи механизмот на бесплатна правна помош, што ќе доведе до поголема заштита на човековите права, се вели во одговорот од Министерството за правда.

Секундарна правна помош ја даваат адвокатите и таа се состои од застапување во граѓански судски постапки, во управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар, составување поднесоци на должник пред извршител и слично. За споровите поврзани со јавните и комуналните услуги не може да се одобри секундарна правна помош.

Барање за добивање секундарна правна помош граѓаните го поднесуваат до месно надлежното подрачно одделение на Министерството за правда кое се наоѓа на подрачје на кое лицето има живеалиште или престојувалиште. Тоа може да го поднесат лично или преку овластено здружение.

Емилија Спасовска, проектен координатор во Коалиција сите за правично судење која работи со Бесплатна правна помош, за МИА вели дека досега имаат проследено само две барања за добивање секундарна правна помош.

– Тоа е така, во главно поради рестриктивните услови кои треба да се исполнат за одобрување секундарна правна помош во поглед на финансиската состојба во која се наоѓаат барателите и големината на имотот кој го поседуваат. Не ретко се јавуваат луѓе кои примаат приходи незначително поголеми од утврдената минимална нето плата, а кои поради тоа немаат право да ја искористат секундарната правна помош, иако навистина имаат потреба од таква. Исто така, се гледа и на основаноста на барањата на странките, односно се проценува колку е основано странката да ангажира адвокат, со оглед на фактот дека за определени ситуации не е потребен адвокат, туку странките можат сами да преземат одредени дејствија, како на пример при административни процедури во институциите,  поднесување на поднесоци, претставки, пријави до ДКСК и слично, вели Спасовска.

Како најголем проблем со кој се соочуваат граѓаните,  од нејзиното досегашно искуство, Спасовска вели дека е нереспонзивност на институциите и долгото чекање за одговор, поради што многу често граѓаните не ги користат и се откажуваат од своите права.

– Најчесто граѓаните талкаат низ институциите, кои ги препраќаат од едно на друго место, а не ретко и поднесоците/претставките кои граѓаните ги упатуваат до најразличните институции остануваат во нивните фиоки повеќе години. Исто така, видно од лицата кои се обраќаат е дека постапките кои се водат пред судовите траат предолго односно за не толку сложени предмети граѓаните водат постапки по четири-пет години и немаат судска разрешница или пак предметите повеќе пати поминуваат низ неколку судски инстанци кои носат различни одлуки, па оттука истото придонесува и кон правна несигурност и намалување на довербата во судството, вели Спасовска.

Дополнителен проблем, според Спасовска, е и ниската верба дека постапката би завршила во нивна корист, па токму поради тоа и се обесхрабруваат да поведат постапка, како и претходното лошо искуство на дел од странките.

Според Гоце Коцевси, неколку фактори играат значајна улога во нискиот број поднесени барања. Прво е се уште недоволната информираноста на граѓаните за тоа дека може да побараат и добијат секундарна правна помош, а второ, иако новиот Закон за бесплатна правна помош од 2019 ги олеснал условите во однос на приходот и имотот на лицаа (сега и лица со повисок приход и имот може да се квалификуваат за бесплатна правна помош) сепак законот е рестриктивен во однос на правните прашања за кои може да се одобри секундарна правна помош.

– Па така законот не предвидува правна помош за проблеми кои се поврзани со користење на јавни и комунални услуги. Со други зборови сите за проблемите поврзани со сметки за електрична енергија, парно, вода и сл. (кои што најмногу ги засегаат сиромашните граѓани) не може да се одобри секундарна правна помош. Исто е случајот и со постапките за легализација, приватизација на земјиште и експропријација кои исто така се иземени од системот. Постапките пред нотар и извршител каде се одвиваат најчество постапките кои произлегуваат од долгови исто така со одредени исклучоци не се предвидени како постапки за кои може да се одобри СПП. Ако на ова ја додадеме обврската и дека во случај на изгубен спор, странката е должна да ги надомести трошоците на спротивната страна како и сеопштата недоврба дека во судовите може да се дојде до правда доведува до ситуација да имаме низок број на барања, велеи Коцевски за МИА.

За надминување на ова, според Коцевски, најпрвин неопходно е постојано унапредување на соработката и комуникацијата помеѓу давателите на примарна и секундарна правна помош, на што веќе се работи преку Националното координативно тело за бесплатна правна помош, меѓутоа секогаш има простор за подобрување.

– Понатаму при првата итна прилика неопходно е да се направат измени во законот со кои ќе се предвиде механизам за правните прашања кои најмногу ги засегаат сиромашните граѓани да се овозможи пристап до секундарна правна помош. Забрзувањето на постапката може да се оствари преку користење на електронски средства за прибирање на податоци. Потребно е да се изработат и распределат јасни и разбирливи упатства за решавање на најчестите правни проблеми со цел да се зголеми и информираноста на граѓаните, заклучува Коцевски во разговор за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот