Слаба е довербата на граѓаните во полицијата, најмногу ѝ веруваат во Југоисточниот регион

Полицајци обезбедуваат избирачко место / 17 октомври 2021 / фото: ЕПА/ЕФЕ

Граѓаните од Југоистокот имаат поголема доверба во полицијата во споредба со другите региони во државата, иако генерално довербата во МВР е некаде на средина во споредба со другите органи и институции, покажува истражувањето на Центарот за европски стратегии – Евторинк.

25 отсто од испитаниците опфатени во анкетата имаат доверба, додека 40 отсто немаат. Во Југоисточниот плански регион довербата е поголема, односно околу 37 отсто од граѓаните декларирале доверба во полицијата, а 36 недоверба, беше кажано на завршната јавна дискусија во рамки на проектот „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Република Северна Македонија” што се одржа денеска во Струмица.

Според Александар Стојановски, постар истражувач, главната цел на проектот е да придонесе кон подобрување на јавното мислење и разбирање во однос на транспарентноста и отчетноста на полициската организација, преку зголемен степен на надзор и дијалог со цел подобрено носење и спроведување на политики кои ја засегаат јавната безбедност.

-Спроведовме истражување на јавно мислење на национално ниво за да се измерат перцепциите за доверба во полицијата. Имавме фокус групи во осум плански региони во државата и структурирани интервјуа со полициски службеници од осумте СВР. Во рамки на отчетноста, која е една од сегментите на проектот, се дисциплинските мерки и пријави против полициски службеници и лица со полициски овластувања. Собравме податоци како постапувале Внатрешната контрола на МВР, Специјализираното одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од полицајци и Народниот правобранител и заклучивме дека не се на идеално ниво, но има прогрес како постапувале лани. Бројките за минатите години не се извадени, но се гледа дека има зголемен проток на предмети во овие органи, рече Стојановски.

Според податоците кои беа презентирани, Внатрешната контрола на МВР лани испитала 1.239 случаи во кои било посочено пречекорување на овластувањата и злоупотреби на службената должност. Од нив се изречени 307 задолжителни мерки за утврдување на дисциплинска одговорност против вработени во МВР, на 39 им е изречена задолжителна мерка за оддалечување, односно суспендирање од работното место до завршување на дисциплинската постапка и поднесени се 17 кривични пријави. Кај Народниот правобранител се поднесени 117 претставки, а во Специјализираното одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од полицајци биле заведени 125 пријави против 279 полициски службеници и припадници на затворската полиција.

Во рамки на денешниот настан се дискутираше и за работата на Локалните совети за превенција и притоа беше презентирано дека 49 општини имаат формирано такви тела, а во 31 од нив тие функционираат. Осумнаесет имаат формирани Совети, но не функционираат, а во една е во постапка за формирање, 16 општини немаат формирано локални совети за превенција, а 13 не доставиле одговор на барање за пристап до информации од јавен карактер, додека 3 општини одбиле прием на барање за пристап до информации од јавен карактер.

Беше истакнато дека Општина Струмица има еден од поактивните и посериозно ангажирани Локални совети за превенција и тоа го кажува и поголемиот процентот на граѓани во овој регион во споредба со тој на државно ниво кои се изјасниле дека се запознати со постоењето и работата на советот.

На јавната дискусија беа презентирани и клучни наоди од проектот за институционалните предизвици за имплементирање на одржливи политики насочени кон подобрување на полицискиот интегритет, вклучително и студии кои обезбедуваат практични препораки и патоказ кон потранспарентно, отчетно и инклузивно работење.

Проектот е финансиски поддржан од Националниот Фонд за Демократија од Соединетите Американски Држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот