Слаб интерес за теренското вакцинирање

Фото: Профимедиа

На првиот ден од задолжителната теренска вакцинација во Скопје се вакцинирани само 25 деца од вкупно 480 колку што биле на списокот за да примат вакцина што штити од мали сипаници, рубеола и заушки. Се вакцинирало во ОУ „Јан Амос Коменски“ и во ОУ „Петар Поп Арсов“.

– Ги известивме училиштата кои деца не се вакцинирани и тие ги информираа родителите да дојдат со децата. Децата кои дојдоа со родител се вакцинираа, другите не. Иако не е голем бројот на вакцинирани, ние сепак сме задоволни, бидејќи ако не излезевме на терен немаше да се вакцинираат ниту тие 25 – вели Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом „Скопје“.

Со теренската вакцинација се опфатени 12 основни училишта во Скопје, а се вакцинираат деца од прво одделение, но и оние од погорните одделенија кои немаат досега примено вакцина.

Мехмедовиќ вели дека откако ќе се поминат сите училишта, Министерството за здравство ќе треба да реши како ќе се постапи во оние случаи кога родителите и понатаму одбиваат вакцинација.

И од Санитарниот и здравствен инспекторат засега не најавуваат дека ќе поднесат прекршочни пријави за овие родители.

Од Министерството за здравство денеска нема ниту информација дали теренската вакцинација почнала по другите градови каде има многу поголем број на невакцинирани деца во однос на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот