Скршените гранки и дрвја низ Скопје, опасност и за минувачите и за возилата

Фото: Илинка Иљоска - СП.

Скршени и откорнати дрвја, а поради тоа и оштетени автомобили, се редовна појава низ повеќето населби после секој посилен ветар. Така беше и по неодамнешните снежни врнежи кога гранките на некои дрвја попуштија од тежината на влажниот снег. Граѓаните пријавуваа каде сѐ има паднати гранки и дрвја, но и оштетени возила, но загрижени се и за сопствената безбедност ако случајно се најдат надвор на ветровито време.

Од Град Скопје нема одговор дали тие се грижат за состојбата на дрвјата во градот, дали се стари или болни или дали претставуваат потенцијална опасност за минувачите, ниту колкави отштети исплатуваат годишно за оштетени автомобили. Не се знае дали воопшто има некоја институција што се грижи за квалитетот на повеќегодишните дрвја низ Скопје.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека тие не се надлежни да ја утврдуваат состојбата на дрвјата.

-Кастрењето и сечењето на дрвјата, претпријатието го врши по издадени решенија за кастрење и сечење од страна на Секторот за Комунални работи на Град Скопје чии претставници излегуваат на терен и ја утврдуваат фактичката состојба на дрвјата и доколку се суви, болни, оштетени или пречат на подземна или на надземна инфраструктура, издаваат решенија за сечење, кои службите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги реализираат – вели портпаролот на претпријатието, Елизабета Георгиевска за „Слободен печат“.

Таа додава дека ЈП „Паркови и зеленило“ вршат одржување и поткастрување на дрворедите посебно по трасите на движење на градските автобуси, заради поголема безбедност на граѓаните.

Од неколку скопски општини објаснија како тие се справуваат со овој проблем на својата територија.

Од Општина Карпош велат дека иако примарна надлежност за сечењето стари и суви дрвја има ЈП „Паркови и зеленило“, Општината преку својата комунална служба редовно врши контрола на дрвјата на својата територија, по населбите, како и во дворовите на детските градинки и основни училишта.

-Овие три дена пристигнаа голем број пријави и нашите работници се фокусирани на нивно расчистување. Работиме паралелно во повеќе населби за да обезбедиме непречено и безбедно движење на граѓаните -вели Димитар Караташев од Општина Карпош и додава дека локалната власт му исплаќа надоместок на секој граѓанин, кој ќе достави записник од полициска станица, во кој е констатирана штета на возило.

Од друга страна, од Општина Кисела Вода тврдат дека локалната самоуправа нема надлежност во исплаќање на штетите настанати од природни непогоди, туку по нивно пријавување во полиција, надоместокот го добиваат преку поднесување барање до Град Скопје.

-Општина Кисела Вода не сече дрвја, но кога има пријави од граѓаните до нас, веднаш се проследуваат во ЈП „Паркови и зеленило“. Општината прави и исклучоци, редовно презема мерки за кастрење на нараснатите и суви гранки, кои претставуваат опасност за граѓаните. По последните снежни врнежи, екипи од општината излегоа на терен и секаде каде што имаше паднати дрвја и гранки, беа расчистени – вели Бацарија.

Во Општина Ѓорче Петров информираат дека по последните врнежи од снег, на нивната територија се пријавени неколку скршени гранки и дрвја и уште истиот ден теренот е расчистен. Материјална штета во општината овој пат нема предизвикано ниту едно паднато дрво или гранка.

Илија Бојаровски од секторот за односи на јавност во Центарот за управување со кризи вели дека тие водат евиденција само за паднатите дрвја што се пријавени кај нив, што е само дел од вкупните пријавени случаи.

-Многу е важно граѓаните да знаат дека отстранувањето на тие дрвја се води според предвиден редослед. Доколку е паднато дрво на некоја сообраќајница или локација од поголема важност, има приоритет пред некое дрво кое е паднато на пример во парк, каде може да седи и една недела – вели Бојаровски.

Тој апелира до граѓаните да ги пријавуваат случаите и пред да падне дрвото, односно доколку забележат накривеност или опасност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот