Скршена гранка од бор два месеца никој не ја отстранува, Општината вети денеска ќе се сечела

Гранката на борот се скршила од тежината на снегот што одамна падна во Скопје и оттогаш до денес дел од станарите „тропаат“ на вратите на надлежните институции, бидејќи гранката удира во прозорецот на еден од становите на приземје и може да биде опасна доколку падне.

Денеска конечно треба да биде исечена гранката од дрвото, која два месеца е скршена и буквално пикната во прозорците на еден од приземните станови на зграда на улицата Томе Арсовски во Кисела Вода. Општина Кисела Вода вети дека денеска, и покрај тоа што тоа не било во нивна надлежност, ќе им помогне на граѓаните и ќе ја отстрани гранката.

Гранката на борот се скршила од тежината на снегот што одамна падна во Скопје и оттогаш до денес дел од станарите „тропаат“ на вратите на надлежните институции. Речиси вообичаено сите се прогласуваат за ненадлежни, а граѓаните сами не можат да ја отстранат гранката затоа што е надвисната над кабел на еден од операторите.

-Од последниот снег гранката се скрши и оттогаш удира во прозорецот на станот на приземје и прави сенка, а може да биде и опасна ако падне. Еве вака е два месеца. Се обративме во Општина Кисела Вода и тие не препратија во месната заедница „Бирарија“. Оттаму дојдоа, ама констатираа дека борот е во двор. Дворот не е приватен, тоа е државно земјиште, оградено е со жива ограда, затоа што приземните станови се многу ниски – вели една од станарките во зградата.

Таа објаснува дека се обидувала безброј пати да пријави за случајот и во Град Скопје, од каде никој не одговарал, а пријавила и во Телеком, затоа што гранката е натежната врз нивен кабел. Но, од никаде досега никој не се ангажирал да го реши проблемот.

-Кому да се обратиме веќе не знам? Никој не се наоѓа за надлежен, никаква одговорност. Па нели обврска на локалната власт е да се грижи и да се ангажира околу проблемите на граѓаните – револтирано вели таа.

По нашето инсистирање до Општина Кисела Вода да одговорат дали ќе преземат нешто во врска со проблемот и зошто дозволуваат како локална власт, наместо да помогнат, граѓаните да се чувствуваат беспомошни и да не знаат каде и кому да се обратат за помош, оттаму стигна ветувачки одговор: „И покрај тоа што отстранувањето на гранката не е во надлежност на Општината, Општина Кисела Вода денес ќе ја отстрани гранката“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот