Скратените часови, продолжени маки

Онлајн настава. / Фото: МИА

Учениците и за наставниците во средните училишта се жалат дека скратените часови во услови на настава на далечина предизвикуваат потешкотии. Тие што сакаат вистински да научат имаат проблем, вели за „Слободен печат“ средношколецот Христијан Ацевски од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје.

И оваа година наставата продолжува да се одвива по хибриден модел. Министерството за образование и наука повтори дека онлајн-наставата и скратените часови ќе останат барем до крајот на учебната година. Часовите траат по 35 минути и се учи од поскратени материјали во однос на претходните години.

Ацевски вели дека многупати се случува наставникот да не може да стигне да ја предаде ниту суштината на материјалот.

– По некои предмети тоа оди брзо и лесно, меѓутоа, многу често се случува да не може да се предадат ниту основните работи, бидејќи материјалот е преголем. Додека наставникот провери кој е вклучен на час и додека сите се приклучат на онлајн-часот веќе поминале 15 минути – вели Ацевски, кој објаснува и дека некои наставници дури закажувале и дополнителни часови за да успеат да го предадат целиот материјал.

Со ова се согласува и средношколка од СУГС „Никола Карев“ во Скопје, која за „Слободен печат“ вели дека учениците се тие кои повеќе на своја кожа ги чувствуваат скратените часови.

– Повторно имаме големи лекции за учење, само сега тие често се нецелосно објаснети од наставниците. Скратените часови дефинитивно имаат големо влијание врз учениците – објаснува оваа средношколка која сакаше да остане анонимна.

Пандемијата предизвикува голем страв и стрес, посебно кај децата. По родителите, и ние, наставниците, сме тие кои директно сме вклучени во воспитувањето на децата, затоа треба секогаш да бидеме тука за нив, вели за „Слободен печат“ Роза Мицкоска, професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Таа додава дека посебно внимание треба да им се посвети на матурантите.

– Апсолутно сметам дека на матурантите треба да им се обезбедат дополнителни часови на кои ќе може да им се објасни сето она што не го сфатиле на редовните часови, но и сите други средношколци ги чувствуваат проблемите поради пократките часови – смета Мицкоска.

Професорката Елвира Мустафа од СУГС „Никола Карев“, смета дека се зависи од тоа како наставникот ќе го постави часот и од неговиот однос со учениците.

– Скратените часови се проблем, бидејќи некои материјали не можете да ги скратите. Се е во рацете на наставникот, ако тој успее да воспостави позитивен однос со учениците, тогаш може да се извади максимум. Јас лично немам поголеми потешкотии со тоа – вели Мустафа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот