„Скопско лето“ во време на корона: Програмска свежина со домашни автори и изведувачи

Дирекцијата за култура и уметност со сите мерки на претпазливост и почитување на протоколите за одржување на културни настани на 6 јули почна со реализацијата на 41. издание на „Скопско лето“.

Вообичаениот термин за почеток на омилената летна манифестација „Скопско лето“ беше пролонгиран за околу 15-ина дена и место на 21 јуни, првиот настан од програмата се одржа на 6 јули. Концертот „Скопје во три бои“, што се одржа во објектот Сули ан, ја откри убавината на различностите во културата и традициите, како и нивното прифаќање како спој во едно мултиетничко живеење.

Музичката приказна на концертот беше сплетена од македонската, турската и ромската традиција, со изведба на изворни нумери од трите култури што со векови опстојуваат на овие простори. Беше тоа „мал, но сладок концерт“, како што рече мултиинструменталистката Бајса Арифовска. Заедно со неа на сцената настапија и вокалниот изведувач Душко Георгиевски, перкусионистот Ратко Даутовски, на кавал и акустичен бас свиреше Емил Адамски, а на гитара – Благоја Алачки.

Концерт „Скопје во три бои“

Како, всушност, се одвива еден културен настан со актуелните протоколи за заштита од коронавирусот? Пред влезот секој посетител мора да носи заштитна маска. На влезот се дезинфицираат рацете и чевлите, а потоа следува мерење температура. Сите посетители билетите ги имаат набавено однапред преку онлајн сервис. Во внатрешноста на објектот е редуциран бројот на столчиња. На концертот нема стоење, влегување или излегување откако ќе почне настанот. По завршувањето на концертот нема групирање со другите посетители, туку еден по еден публиката излегува од објектот.

– Овој фестивал во својата 40-годишна историја имаше ѕвездени мигови, некогаш можеби имаше и послаби моменти, но никогаш досега не ни се случило ова што ни се случува, не само кај нас, туку и воопшто во светот. Од друга страна, многу сме задоволни, на некој начин и среќни, што нашето „Скопско лето“ ќе може да донесе малку свежина, малку оптимизам во нашите животи и ќе ги олабави овие тешки и траорни денови. Фестивалот се случува, пред сѐ, благодарение на ентузијазмот, на љубовта и на подготвеноста на домашните уметници да го дадат своето творештво. Годинава „Скопско лето“ им е посветени токму ним – рече Никола Глигоров, директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје на отворањето на „Скопско лето“.

Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност

Планирано е годинашното „Скопско лето“ да трае 30-ина денови. Фестивалот се реализира со поддршка на покровителот Град Скопје и поддржувачот Министерство за култура. Во текот на првите пет дена од фестивалот се одржаа три концерти, една промоција и една театарска претстава. Покрај концертот „Скопје во три бои“, се одржаа и јубилејниот концерт „Лејдис енд џентлмен“, со кој виолинистката Пламенка Трајковска одбележа 25 години од основањето на својот прв гудачки квартет, додека на 8 јули во Музејот на македонската борба настапи триото „Ад либитум“ со композиции од повеќе музички епохи.

Во рамките на „Скопско лето“ беше промовирана и книгата „Како ти и јас“ од Тони Манџуковски Манџук во „Тесла бар“, додека независниот театар „Златен Елец“ ја изведе монодрамата „Дневникот на лудиот 1“ од Николај Гогољ во режија на Ѓорѓи Ризески, а со актерска креација на Бобан Алексоски во Сули ан.

ЗЏМ Колектив

Следната програма на „Скопско лето“ ќе биде објавувана со неделен ритам, зависно од ситуацијата со коронавирусот, а веќе следниот настан е најавен за 13 јули, кога во соработка со Здружението на џез музичари и слободни уметници во Сули ан ќе се одржи концертот „Today it’s all about jazz“ на ЗЏМ Колектив. На концертот премиерно ќе бидат изведени нови оригинални композиции на членовите на ЗЏМ Колектив, во кој настапуваат инструменталисти од највисок калибар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот