Скопските општини ќе обезбедат парична помош за населението во Турција и Сирија, сумите ќе бидат одредени на вонредни седници

Скопските општини на вонредни седници што ќе се одржат неделава ќе донесат одлуки за обезбедување финансиска помош за населението погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија. Заедницата на единици на локална самоуправа упати апел до градоначалниците на сите општини во државата, секоја во рамките на своите можности да издвои средства за помош на луѓето во овие две земји.
Градоначалничката Данела Арсовска информира дека испратила барање до Советот на Град Скопје на следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите во земјотресот. И советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, соопшти дека ќе поведе иницијатива за свикување вонредна седница за доделување еднократна помош за Турција и Сирија. Сепак, нема информација кога точно оваа седница ќе се одржи.
Општина Аеродром вонредна седница ќе одржи утре, а општина Центар в четврток. Од Гази Баба и Ѓорче Петров најавија дека тоа ќе се случи во текот на оваа недела.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски поднел иницијатива до Советот за обезбедување финасиска помош од 500.000 денари за население од разурнатите подрачја.
Република Македонија во повеќе наврати во минатото има претрпено човечки загуби и огромни материјални штети од природни катастофи и затоа сме свесни и искрено сочувствуваме за трагедијата низ која во моментов поминуваат овие граѓани. Во вакви моменти сите треба да се потсетиме дека не можеме против природните катастрофи со трагичен епилог, но можеме со хуманост и солидарност да им помогнеме на овие луѓе кои за еден миг изгубија можеби и сѐ што имале – рече Ѓорѓиевски.
Тој информира дека на Амбасадата на Република Турција во Македонија и понудиле поддршка и од друг вид и како што рече оттаму дополнитено ќе бидат известени околу конкретните потреби на семејствата погодени од разорниот земјотрес.