Скопските дела на руски архитекти се изложени во Москва

Во Домот на руската емиграција со името на Александар Солженицин во Москва, од 30 октомври до 30 ноември, е поставена изложбата „Руските архитекти во Скопје 1920-1940 год.“, како резултат од соработката на Музеј на град Скопје со Домот на руската емиграција.

Автори на изложбата се Јасминка Намичева, кустос советник од Музеј на град Скопје, и Екатерина Намичева Тодоровска, асистент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, додека куратори се Татиана Јуревна Иринархова и Дарја Александровна Жмилева од Домот за руската емиграција во Москва.

На поставката се претставени 20 паноа со фотографии од архивски документи, архитектонски планови и фотографии; 3Д реконструкции од објекти што повеќе не постојат, документарни филмови и фотографии од објекти проектирани и изградени од руските, но истовремено и скопски архитекти кои живееле и работеле во Скопје во периодот 1920-1940 година.

Претставениот материјал е резултат од долгогодишниот истражувачки проект на авторите на поставката, во кој делата на десетина руски архитекти и инженери за прв пат се прикажуваат во еден интегрален труд. Биографиите и делата проектирани во Скопје на десетината архитекти и овластени инженери: Иван Артемушкин, Борис Дутов, Константин Хоменко, Ефраим Бронштајн, Евгениј Дацков, Михаил Дворников, Вјечеслав Бујко, Николај Бурхановски, Николај Никушкин, Ваган Карагањан, Михаил Матвеев, Василиј фон Баумгартен, Иван Рик, Виктор Лукомски, Петар Анагности, Василиј Андросов, Григориј Самојлов и Николај Краснов, се прикажани со околу 200 документи, кои се екстракт од собраните повеќе од 1.200 архитектонски проекти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот