Скопскиот аеродром лани со натпросечен број патници

Меѓународен аеродром Скопје. / Фото: Слободен печат

Воздушниот сообраќај полека закрепнува, но сè уште не може да се каже дека е блиску до нивото од пред ковид пандемијата. Сепак, подобрувања има што во 2021 година се должи на повремето олабавување на антиковид мерките во земјите во кои Балканците најчесто патуваат. Така, аеродромите во земјите од регионот лани оствариле раст на бројот на патници од 97,3 отсто во однос на 2020 година.

Според Ex-Yu Avaiation, аеродромите во земјите од поранешна Југославија во 2021 година превезле околу 14,8 милиони патници, што е сè уште за 49,7 отсто помалку од 2019 година, пред пандемијата. Како што пишува веб-страницата, иако ниту еден аеродром не успеал да ги надмине бројките од пред пандемијата, аеродромите во Порторож, Бања Лука и Мали Лошињ се приближиле до таа бројка.

Од друга страна, само низ аеродромот во Ниш поминале помалку патници отколку во 2020 година, и покрај тоа што таа година бил затворен неколку месеци поради глобалното затворање на границите.

податоци за број на патници
Податоци за број на патници во авиосообраќајот / Фото: Ex-Yu Aviation

Според овие податоци, Белград ја задржал позицијата на најфреквентен аеродром во оваа област, позиционирајќи се меѓу 60-те најдобри во Европа. По него се аеродромот во Приштина и оној во Сплит кој го престигна Загреб и стана најфреквентен аеродром во Хрватска.

Белградскиот аеродром, како што рекоа од оваа компанија, успеал да ја надмине целта од 2,9 милиони патници за минатата година. Натпросечен раст на бројот на патници бележи и скопскиот аеродром во 2021 година, но сепак таа бројка е половина од превезените патници во 2019 година.

Минатата година преку два црногорски аеродроми Подгорица и Тиват поминале повеќе од 1,3 милиони патници, што е половина од 2019 година.

Љубљанскиот аеродром за прв пат испадна од десетте најфреквентни аеродроми во поранешна Југославија бидејќи беше претекнат од аеродромот во Задар.

Според овие податоци, во 2021 година на аеродромот во Сараево поминале 767.133 патници, што е за 32,9 отсто помалку од 2019 година, кога на овој аеродром поминале 1.143.680 патници.

Аеродромот во Бања Лука лани опслужил 139.886 патници, што е за десет илјади помалку од 2019 година кога имало 149.966.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот