Скопски Водовод со нова инвестиција од 12 милиони денари на улица Козле

Фото: ЈП „Водовод и канализација“

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, заедно со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, направија увид во работните активности за реконструкција, односно доповрзување на водоводна мрежа по дел од улицата Козле (од улицата Нерешка до улицата Мокра) во населба Козле, општина Карпош.

Инвестицијата на ЈП „Водовод и канализација“ за реализацијата на овој проект изнесува 12.100.000,00 денари со ДДВ.

– Изработката на проектно-техничка документација и реализацијата на истата е како резултат на потребата да се поврзат два постоечки водоводи кои се дел од т.н. висока зона Жданец. Се предвидува поврзување на постоечкиот цевковод со дијаметар на цевка од 100мм во високата зона на улицата Козле кај крстосницата со улицата Мокра од страната на населба Нерези, со постоечкот цевковод со дијаметар на цевка од 100мм во високата зона на улицата Козле на крстосницата со улицата Нерешка, влезот во населба Жданец – информираат од јавното претпријатие.

Според најавите, во текот на работните активности се предвидува и реконструкција на постоечките приклучоци на објектите од едната страна на улицата Козле кои гравитираат на предметната делница од улицата Козле (делница Мокра – Нерешка) кои имаат поголема катност заради што чувствуваат недостаток на притисок на горните катови.

– Исто така ќе се изврши реконструкција на мал дел од постечките приклучоци на објектите долж улицата 1010 која гравитира кон улицата Козле. За реализација на овој проект ќе се употребат дуктилно лиено железни цевки со дијаметар од 100мм со вкупна должина од 685 метри и цевки со дијаметар од 80мм со вкупна должина од 60 метри, соодветни фасонски парчиња и арматури, а ќе се овозможи и подобрување на притисокот во мрежата, особено во летните месеци кога имаме зголемена потрошувачка на вода – додаваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Видео на денот