Скопски џез-фестивал: Музиката од Скопје стигна до околу 50.000 гледачи во Европа и во светот

Скопскиот џез-фестивал во своето 39-то издание, што се одржа од 14 до 17 октомври, успеа да ги задржи традицијата, интернационалното реноме и квалитет на концертните изведби, но и да ги прошири хоризонтите на својата мисија надвор од нашата држава. Иако најголемиот дел од европските џез-фестивали поради пандемијата на коронавирусот не се одржаа или беа сведени на локални рамки, од Скопје програмата на џез-фестивалот преку интернет освојуваше простори низ цела Европа.

– Чувствуваме потреба да го изразиме нашето огромно задоволство од штотуку завршениот Скопски џез фестивал и да упатиме благодарност до сите оние што помогнаа замислениот концепт на фестивалот да се реализира во целост. Во време на пандемија, кога познатите есенски џез фестивали во Европа во најголем број или ги спуштија завесите, или пак се решија само за локална програма, ние во навистина ненормални услови и со една планина предизвици, непредвидливи и ризични до последниот момент, останавме доследни во сочувување на интернационалниот ранг на фестивалот, дури и нешто повеќе од тоа, често пати и самите соочувајќи се со дилемата: дали, сепак, ова не е лудост? – потенцираа од Скопје џез фестивал.

Теодосиј Спасов и Влатко Стефановски

Од фестивалот ги истакнуваат и следните факти: програма во четири стандардни денови во Националната опера и балет. Настапи на македонски групи и музичари секоја вечер, сите со премиерни проекти. Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов првпат настапија во нашата земја како дует. Специјален фестивалски проект беше „малиот биг-бенд“ на Тони Китановски, со комплетно нов материјал на Тони. Новите големи надежи на македонскиот џез „Светлост + Одрон Ритуал Оркестра“ настапија во нова формација и со комплетно нов материјал. Концертот на Сашо Поповски Трио имаше промотивен карактер. Посебен проект во рамките на фестивалот беа две нови изданија на „SJF Records“ – албумите на триото на Сашо Поповски и на групата „Некст ту сајленс“ (Next to Silence).

Светлост + Одрон ритуал оркестра

Концертите на странските изведувачи, сите познати имиња на европскиот џез, исто така, беа одлични: Чикуело – Марко Мезкида, Матија Дедиќ, „Радиан“ и Белмондо Квинтет. Место традиционалните полноќни концерти во МКЦ, сега невозможни, имаше лајв-стриминг од Њујорк и Осло со извонредни ексклузивни концерти специјално за Скопскиот џез фестивал: триото на Вилијам Паркер, дуетот Крис Дејвис/Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим, сочувувајќи ја традиционалната врска на фестивалот со њујоршката и норвешката музичка сцена и со современата импровизирана музика.

Тони Китановски со „малиот голем оркестар“

Целиот фестивал беше пренесуван преку онлајн-стриминг, а покрај бројните реакции на социјалните мрежи, бројките укажуваат дека концертите ги виделе повеќе од 50.000 луѓе во Европа и светот. Сите концерти беа пренесувани и на МРТ.

Во рамките на последната вечер од манифестацијата, на Иван Петровски му беше доделена традиционалната награда „Златен Орикс“ за најдобар млад македонски музичар во 2020, што Скопскиот џез фестивал и Катар Ервејс ја доделуваат веќе четири години.

Сашо Поповски Трио

По завршувањето на фестивалот организаторите упатија благодарност до: Националната опера и балет, со кои заеднички ги подготвија и спроведоа сите заштитно-безбедности мерки, во што свој прилог дадоа и посетителите, создавајќи од фестивалот Ковид-фри зона; сите музичари кои ја прифатија поканата за настап во – и за нив – невообичаени околности; дизајнерката Јана Мишева; вредниот тим на „BPM Streaming“, кој го реализираше онлајн-стримингот на фестивалот; волшебниците на звукот Бојан Угриновски и Ален Хаџи-Стефанов; верните надворешни соработници на фестивалот кои и денес не ги напушта ентузијазмот, клубовите „The Jazz Gallery“ во Њујорк и „Victoria Nasjonal jazzscene“ во Осло за нивното отстапување на просторот и целата продукција на ексклузивните он-лајн концерти; Европската џез мрежа (Europe Jazz Network) за поддршката, како и на фестивалските покровители и (годинава) малубројните спонзори.

– Голема благодарност до публиката којашто оствари спонтана комуникација со музичарите и со случувањата на сцената. По возбудливите вечери со џезот, еве нè повторно во реалноста, но и покрај нејзината суровост, веќе со мислите во следното, јубилејно, 40-то издание на фестивалот – посочија од Скопскиот џез фестивал.

Фотографии: Татјана Ранташа и Сашо Н. Алушевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот