Скопска културна хроника – уживајте во денешните концерти но и велосипедска трка

Низа културни манифестации денеска во Скопје и една трка/Фото; Плакати

Метеролозите денеска најавија променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од јужен правец во Скопје. Околу пладне и попладне ќе биде нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер па можно е да се наруши текот на културните и спортските настани закажани на отворено

Министерството за внатрешни работи информира дека денеска со почеток во 16:00 часот ќе се одржат велосипедска трка –  „Куп на Град Скопје 2022″ и прв меѓународен детски фолклорен фестивал „Златен вез 2022″ поради што ќе има посебен сообраќаен режим во градот.

-Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека на 17.09.2022 (сабота) со почеток во 16.00 часот во организација на Велосипедската федерација на Македонија ќе се одржи велосипедска трка –  „Куп на Град Скопје 2022″. Трката ќе се одвива по следнава траса – старт на ул.„Димитрие Чуповски” кај порта „Македонија”, право по ул.„11-ти Октомври” кон зградата на Собрание на РСМ до крстосница со ул.„Филип Втори Македонски”, лево по ул.„Филип Втори Македонски” до влезот на ГТЦ. Понатаму се поминува под ГТЦ и се доаѓа до Порта Македонија каде се продолжува право по ул.„Димитрие Чуповски” се до крстосница со ул.„Даме Груев” кај Палома Бјанка и назад по ул.„Димитрие Чуповски” се до стартно-целната позиција, соопштуваат од МВР.

Во исто време во организација на фолклорен ансамбл „Григор Прличев” ќе се одржи прв меѓународен детски фолклорен фестивал „Златен вез 2022″ со зафаќање на јавна површина на дел од ул.„Ѓорче Петров” на потег од крстосницата со ул.„Никола Пушкаров” до крстосницата со ул.„Македонска Војска” во Скопје.

-Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, потенцираат од МВР.

Апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните

Амбасадата на Германија во Скопје прославува „30 години германско-македонска соработка”

 

Амбасадата на Германија во Скопје денеска прославува 30 години германско-македонска соработка со културна програма и забавни активности во Градскиот парк во Скопје.

Настанот кој ќе се одржува кај „Школка” во Градски парк ќе го отвори амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн.

Програмата ја организираат Амбасадата на Германија, Гете Институт Скопје и ГИЗ Северна Македонија.

Настанот на Школка е предвиден да трае од 12 до 16 часот.

„Оро без граници” по 31. пат во Скопје

 

Со почеток во 19 часот на плоштад „Македонија” ќе се одржи 31. издание на фестивалот „Оро без граници”.

Овој настан своите почетоци ги бележи во 1991 година. Се формира по иницијатива на тогашниот инструктор по фолклор Тофе Дракулевски.

Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, каде се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата.

Главен покровител е Град Скопје, а е во организација на Детскиот културен центар „Карпош”.

Концерти, изложби и претстави на „Звукот на Скопје”

Фестивалот „Звукот на Скопје” продолжува вечер со концерт на модерна, моќна и енергична музика на плоштадот „Мајка Тереза” и на „Ибни Пајко”.

На плоштадот „Мајка Тереза” ќе настапат Брука бенд, Фулиш Грин, Бла Бла Бла, Тони Китановски и Черкези и Љубојна,

Додека на „Ибни Пајко” ќе се претстават Баклава, Дориан и Добрила Дуо и „Перија”, а ќе може да се погледне и изложбата на колажи на Игор Калц. Ќе има и поетско читање, а за  најмладите генерации и нивните родители ќе биде изведена детската престава „Куферко светскиот патник од Македонија” на Симона Ристевска.

Изложба „Маски и екрани“ на Наташа Неделкова

Во Културниот и социјален центар Јадро вечер ќе биде отворена изложбата „Маски и екрани“ (Masks and screens) на уметницата Наташа Неделкова.

„Ја чуваме македонската музика” во Филхармонија

Под мотото „Ја чуваме македонската музика” вечер во големата сала на Филхармонија ќе се одржи концерт на македонските евергрини. На концертот ќе настапат македонската оперска пејачка Весна Гиновска-Илкова, во придружба на камерниот оркестар Арко под диригентска палка на маестро Ерхан Шукри. Пијанистот Бобан Мирковски, кој ги направи аранжманите за овој концерт ќе ги придружува артистите на пијано.

Среќна сум што ќе настапуваме под слоганот „Ја чуваме македонската музика„. Сметам дека е вистинско време да се потсетиме на македонските евергрини, кои се дел од нашата музичка традиција. Публиката ќе има можност да слушне нешто поразлично од оперската литература, тоа е музика која спојува многу генерации, која буди спомени од едно убаво време, вели Гиновска-Илкова.

Овој концепт на изведба на познати македонски евергрини, во помал формат беше изведен и минатата година во црквата Св. Софија во Охрид, во рамки на прославата 30 години независност на државата. Како што велат организаторите Баги Комуникации, токму одѕивот и реакциите на публиката беа мотив да се дополни програмата и да се понуди и на пошироката публика.

 –Никогаш не било посоодветно време за промоција на слоганот „Ја чуваме македонската музика„. Сметаме дека македонската музика е едно од најголемите богатства што нашиот народ ги има, треба да бидеме горди и соодветно да ја чуваме. Тоа е музика со која пораснале многу генерации, со неа се радуваме, прославуваме, тагуваме и е дел од сите наши значајни моменти. Ќе се потрудиме и во иднина да ја продолжиме оваа традиција и преку проекти да потсетуваме за убавината на нашата музика, велат организаторите.

Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25. Скопје филм фестивал

Завршува 25-тото јубилејно издание на Скопје филм фестивал. Во Кинотека вечер ќе бидат прикажани филмовите „Едно убаво утро” на режисерката Миа Хансен -Лов од програмата Фокус на европски филм и најновиот филм на Гаспар Ное „Врлог” од програмата Авторски филм.

– Миленичката на фестивалите, режисерката Миа Хансен-Лов се враќа пред филмската публика со длабоко впечатлива хроника за жена што е преплавена со своите обврски како мајка, ќерка, работничка и љубовница. Со повеќеслојната изведба на Леа Сејду, „Едно убаво утро” фрла светлина на чудата и турбуленциите на секојдневниот живот. Впечатливата елеганција на пристапот на режисерката произлегува од нејзината доверба во целосно развиените ликови и од одбивањето да внесе вештачка драма во настаните од нивниот живот. Леа Сејду е ретка француска ѕвезда што лесно минува од холивудски блокбастери (серијалот за Џејмс Бонд), во смели интернационални дела („Јастог”, „Злосторства на иднината” на Кроненберг) и најдобрите француски филмови е неверојатно реалистична во главната улога, соопшти тимот на Скопје филм фестивал.

„Вртлог”, посочуваат оттаму, е приказна за двајца партнери што живеат во блиски, но одделни, паралелни светови, борејќи се со староста и деменцијата. Додека талкаат низ тесниот стан преполн со мебел, мора да се помират со мислите за смртта и за крајот што ги чека набрзо. Мрачната перспектива и очајот стануваат дел од приказната, а двојката, во изведба на Дарио Арџенто и Франсоаз Лебрун, гледа како нивната поврзаност полека се распаѓа додека болеста напредува. Гаспар Ное решил да ја прикаже изолираноста на деменцијата снимајќи го целиот филм на поделен екран, мајсторско решение што нуди автентичност како „еден ден во животот”, со бавна тензија и возбудлива филозофска горчина. Поделениот екран станува визуелна метафора за начинот на кој деменцијата ја еродира способноста на човекот да комуницира со своите сакани. За да им даде што е можно повеќе простор, Гаспар Ное решава да снима со две рачни камери што ги следат главните ликови, што полека води до моќна кулминација. Филмско искуство што бара внимание и посветеност на големиот екран, „Вртлог” е ремек-дело и можеби е најдобриот и најчувствителен филм на Гаспар Ное досега.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот