Скопје веќе е меѓу најзагадените главни градови во Европа, а зимата уште не е ни почната

Загадување на воздухот во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Скопје денеска е меѓу најзагадените главни градови во Европа, покажуваат податоците на меѓународните веб-страници кои го бележат аерозагадувањето. Во делови од Скопје, мерните станици на Министерството за животна средина измерија над 175 микрограми ПМ2,5 честички на метар кубен, што е речиси седумпати повисока концентрација од максимално дозволената.

Категоризиран како „нездрав“ воздух, во оваа фаза, според експертите, последиците се појавуваат кај граѓаните со респираторни проблеми и други хронични заболувања. Во светски рамки, Скопје денеска беше на 15-тото место меѓу најзагадените градови, а Македонија повторно се најде во првите десет најзагадени земји, заедно со Индија, Непал, Кина и Турција.

Еколошките здруженија ги критикуваат државните власти дека тромо реагираат на загадувањето, кое достигнува високи нивоа уште на самиот почеток на зимата, пишува Алсат. Меѓу најгласните се „О2“ кои велат дека државата потфрлила со проектот за субвенционирање на инвертери, бидејќи енергетската криза која е на повидок зимава ќе ги стимулира граѓаните да се вратат на греењето на дрва.

Ситуацијата станува уште потешка кога ќе се земе предвид епидемијата на коронавирусот. Лекарите велат дека загадувањето на воздухот може да ги загрози луѓето кои го прележале вирусот, но сѐ уште се борат со неговите последици.

Според Европската агенција за животна средина, загадувањето на воздухот или невидливиот убиец во Европа предизвикува 307.000 предвремени смртни случаи годишно, а во 2019 година, во Македонија како последица на загадениот воздух починале над 3.400 луѓе.