Скопје танцовиот театар со настанот „Импулс“ бележи десет години постоење

Во Македонскиот народен театар на 15 ноември, во 20 часот, ќе се одржи настанот „Импулс – Во чест на танцот!“, како дел од годишната програма на Скопје танцовиот театар, кој прославува 10 години од своето постоење во континуитет, со што има извонреден придонес кон развојот на современата танцова сцена во земјава.

Изведбата на претставата Скопје танцовиот театар ја посветува на госпоѓа Емилија Џипунова, доајен на балетската уметност во Македонија и добитник на овогодинешната награда за уметност на Град Скопје „13 Ноември“.

– Секогаш се радуваме кога работата на уметниците од областа на танцот ќе добие признание. Ова е награда која госпоѓа Џипунова апсолутно ја заслужува со својот долгогодишен труд и придонес не само за балетската уметност, туку и за танцовата уметност во целост и со радост ќе настапиме во нејзина чест. Претставата е дел од нашата годишна јубилејна програма, која ќе финишира на почетокот на декември, кога ќе имаме гости до Холандија, од „Скапино балет“ од Ротердам и заедно ќе го чествуваме танцот! Завршниот настан, кој ќе се одржи на 9 декември во Македонскиот народен театар, го подготвуваме во соработка и поддршка со Холандската амбасада – истакна кореографката Рисима Рисимкин, директорка на Скопје танцовиот театар.

Претстава „Не ми ги допирај очите“ со Адријана Данчевска и Дејан Битровски / Фотографија: Драган Перковски

Претставата „Импулс“ е составена од три дела. Првиот дел е танцовиот перформанс „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска, во кој настапуваат Дејан Битровски и Анастасија Данчевска, потоа следи танцовиот филм „Дома“, во режија и кореографија исто на Данчевска, а програмата завршува со „Меѓусвет (Убавите жени)“ во режија и кореографија на Рисима Рисимкин, претстава инспирирана од творештвото на Блаже Конески.

За „Меѓусвет (Убавите жени)“ на Рисимкин, музика ја потпишува Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената е на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Ивана Балабанова, како и студентите на Катедрата за современ танц при УГД – Сара Димковска, Стефани Шааршмит (Германија) и Емилија Милак (Црне Гора).

Танц-претставата „Меѓусвет (Убавите жени)“ е инспирирана од поезијата на Блаже Конески / Фотографија: Драган Перковски

Првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, Скопје танцовиот театар, е основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена.

Работата на танц-театарот промовира нова естетика и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц. Во 2022 година Скопје танцовиот театар ќе настапи во Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижни светски театри за современ танц. Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот