Скопје танцовиот театар се подготвува за историското гостување во театарот „Шајо“ во Париз

Претстава „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Скопје танцовиот театар / Фотографија: Драган Перковски

Скопје танцовиот театар и кореографката Рисима Рисимкин со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на 16, 17 и 18 март ќе го остварат првото историско гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.

Рисима Рисимкин создавајќи и работејќи од Скопје, успева да создаде платформа за современиот танц во Македонија, но и да се пробие како автор надвор и да гостува со свои претстави на најзначајните современи танцови сцени на светско ниво.

Скопје танцовиот театар, основан и предводен од Рисима Рисимкин, во своите 10 години постоење зад себе има остварено преку 70 продукции и успева да се пласира на интернационалната танцова сцена, но и да гостува на најпрестижни фестивали. Гостувањето во „Шајо“ веќе е најавено во француските медиуми.

– „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин е претстава со една поинаква естетика. Рисимкин, која е на чело на Скопје танцовиот театар од 2011 година, е една од најпопуларните и најплодните македонски кореографки. Таа се појавува на големите меѓународни сцени, но е сосема непозната во Франција, и затоа, ќе биде вистинско откритие, кое ќе го доживееме во „Шајо“. Со своите седум танчари, Рисима Рисимкин ја доведува во прашање експресивноста на движењето во времето на пандемијата.

Надвор од оваа општоприфатена тема, Скопје танцовиот театар не поканува да ги истражуваме имагинарните идентитети, изнесувајќи чудни ликови, запленети од големата интензивност на танцот. Рисимкин во овој опус, „се обидува да најде јазик што функционира во ова нефункционално време“. Таа го прифаќа предизвикот да создаде интимен танц во кој танчарите никогаш не се допираат. Водена од софистицирана сценографија и костими, таа ни претставува апокалиптичен свет кој ја истакнува нашата изолација, но ја брани убавината од сите препреки – напишаа Делфин Бафур и Агнес Изрин за магазинот „Ла терас (La terrasse)“.

Претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, во која кореографијата е на Рисимкин, музиката ја напиша Тони Китановски, костимите ги изработи Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ, пред заминувањето за Париз скопската публиката ќе може да ја проследи на 10 март на големата сцена на Македонскиот народен театар.

Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 119, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот