Скопје танцовиот театар настапува на фестивал во Загреб

Во рамки на триесет и деветото издание на интернационалниот фестивал „Недела на современ танц“ во Загреб, на сцената на „Загребачки плесни центар“, на 8 јуни ќе се изведат две кореографии на Скопје танцовиот театар, „Outline“ на Дејан Битровски, во која настапува Анастасија Данчевска, и „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска. Станува збор за прво претставување на Скопје танцовиот театар на овој значаен фестивал.

Кореографот Битровски за делото „Outline“ вели дека е посветено на жената и нејзиниот однос со општеството, а кореографката Данчевска во најавата за нејзината кореографија вели: „Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија. Го слави животот, убавото во едноставното и гневот во постоењето (Кога ќе те снема, може повторно да те заима). Следете политика и главите кон сонцето!“ Музиката за претставата ја потпишуваат „Артефакт“ и Гордан Спасовски трио. Во перформансот настапуваат Адријана Данчевска и Дејан Битровски.

Во рамки на вечерта, во 18 часот, уметничката директорка на Скопје танцовиот театар и деканка на Филмската академија, Катедра за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“, професор Рисима Рисимкин, ќе одржи предавање на тема „Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија“, а на 9 јуни, во рамки на фестивалската програма Андријана Данчевска ќе има работилница за современ танц, известија од Скопје танцовиот театар.

Адријана Данчевска, танчер и кореограф, е активен член на Скопје танцовиот театар. Свое кореографско деби има со кратката кореографија „32°“, како дел од претставата „Импулс“, премиерно изведена на „Танц Фест Скопје“. Потписник е на повеќе кореографии: „Погрешно“ за Универзитетот за убави уметности од Цирих, Швајцарија; „Скеч“ за Кодартс универзитетот од Холандија; продукции на Скопје танцовиот театар со наслов „Жива на друго место“, „Д.О.Л.“, „Дома“, „Не ми ги допирај очите“, „Go Figure it Out“, како и на првиот танцов филм кај нас, насловен „Дома“. Со Скопје танцовиот театар настапува на сцените низ Македонија, како и на повеќе светски фестивали. Од септември 2017 Данчевска е асистент на Катедрата за современ танц при УГД.

Дејан Битровски, танчер и кореограф, активен член на Скопје танцовиот театар. Свое кореографско деби има во мај 2017 година со кореографијата „Јас и ние“, а потписник е и на кореографиите „Луцидниот Јос“, „Autline“, „Ѓаволска дупка“, „09190“, во продукција на Скопје танцовиот театар. Од септември 2017 активно работи во организација на програмите на Скопје танцовиот театар и „Танц фест“. Од септември 2018 Битровски е стручен соработник на Катедрата за современ танц при УГД. Со Скопје танцовиот театар настапува на сцените низ Македонија и на светски фестивали, меѓу кои и на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.

Анастасија Данчевска е современ уметник и танчер, активен член е на Скопје танцовиот театар од 2014 година. Во 2017 по завршувањето на студиите станува и стручен соработник за класичен балет на Катедрата за современ танц на Филмската академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2021/2022 запишува двегодишни магистерски студии како танцов педагог на универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот