Скопје танцовиот театар ја завршува успешната сезона со настап на фестивал во Рига

Во рамки на најголемиот интернационален фестивал за современ танц во Латвија, „Laikis Dejot“, што се одржува од 12 до 21 јуни 2022 година во Рига, на сцената на центарот „NOASS“, на 16 јуни ќе биде изведена кореографијата „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска, во продукција на Скопје танцовиот театар, во која настапуваат Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

Станува збор за прво претставување на овој значаен фестивал на Скопје танцовиот театар, чиј уметнички директор и основач е Рисима Рисимкин. Со ова гостување Скопје танцовиот театар ја заокружува извонредно успешната сезона, во која имаше повеќе изведби на свои претстави на светски сцени. Најзначајно, секако, беше гостувањето на сцената на престижниот Национален театар за современ танц „Шајо“ во Париз, каде беше изведена, три пати по ред, претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, која париската критика ја оцени како брилијантна.

Воедно, оваа сезона Скопје танцовиот театар гостуваше и во Братислава, Словачка, и Загреб, Хрватска, а беше формиран и подмладокот на компанијата „Скопје танцов театар 2“, чија постава настапи на фестивалот „Танц фест Скопје 2022“ и во Братислава, Словачка.

Во најавата за нејзината кореографија, кореографката Данчевска вели: „Не ми ги допирај очите“ се поистоветува со човекот во Македонија. Го слави животот, убавото во едноставното и гневот во постоењето. (Кога ќе те снема, може повторно да те заима). Следете политика и главите кон сонцето!“

Музиката за претставата ја потпишуваат „Артефакт“ и Гордан Спасовски трио. Во перформансот настапуваат танчерите Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

Во рамки на програмата на фестивалот, на 17 јуни, уметничката директорка на Скопје танцовиот театар и деканка на Филмската академија, Катедра за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“, професор Рисима Рисимкин, ќе одржи предавање на тема „Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија“, а кореографот и танчер Дејан Битровски, ќе има работилница за современ танц.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот