Скопје не го спроведуваше договореното со Бугарија, вели Ѓорѓи Трендафилов

Ѓорѓи Трендафилов во гостување на ТВ Алсат / 3 декември 2021 / фото: ТВ Алсат/принтскрин

Ѓорѓи Трендафилов, претседавач на Националниот комитет на Граѓанско-демократската унија (ГДУ), во вечерашното гостување во „360 Степени“ на телевизијата Алсат, рече дека довербата во комуникацијата меѓу Скопје и Софија е изгубена и оти таа треба да се врати.

Трендафилов додава дека властите во Скопје не ги исполнувале доследно одредбите од Договорот за добрососедство кој го потпишаа со Бугарија.

„Треба да се покаже гест на добра волја, веројатно и од двете страни. Согласен сум дека власта во Скопје не ги спроведуваше одредбите од спогодбата и дека таа треба да покаже подготвеност на делот дека има намера да ги спроведе за да ја врати довербата кај соговорникот“, вели Трендафилов.

Според него, промена на Уставот и вклучување на Бугарите како дел од конститутивните народи на државата би бил најбрз чекор за да се стави крај на „стигматизацијата на македонските Бугари“.

Во емисијата гостуваше и претседателот на Здружението за македонско-бугарско пријателство, Добре Митрев, кој раскажа наводен случај на девојче од Кавадарци, кое, според него, било предмет на дискриминација поради тоа што нејзиниот татко отворено се декларирал како Бугарин.

„Девојче на 18 години треба да се запише на Полициска академија, но добива известување дека не ги исполнува безбедносните услови. АНБ не ѝ дала амин. Причината е затоа што нејзиниот татко отворено се декларира како Бугарин. Тие ги кажуваат дека не е тоа причината, туку поради неисполнување на безбедносни услови. Тоа е најнов пример“, вели Митрев.

Тој прашува „на кого во Македонија би му сметало ако стојат Бугарите во Уставот?“

-Ако знаеме дека македонските Бугари се луѓето што пред 45-та и по 45-та се борат за независна Македонија. Исто така, медиумите имаат голема одлука во применувањето на правата на Бугарите во Македонија, потенцира Митрев и додава дека има почит кон македонската државност и „дека да бил спортист, со гордост ќе го носел македонскиот репрезентативен дрес“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот